Протести на синдикатите за достојни плати и услови за работа, владата и натаму глува на нивните барања

Протести на синдикатите за достојни плати и услови за работа, владата и натаму глува на нивните барања

Со плати како во робовладителско општество, работникот во Македонија никогаш не бил толку понижен. На оваа власт, не и се важни работниците, оти тие си гледаат само за себе – порачаа денеска од синдикалните протести, на кои своето незадоволство го изразија вработените во матичната служба, здравството, затворската полиција и ред други државни институции за кои велат дека имаат навредливи плати и никакви услови за работа.

  • „Мора на ова да се стави крај, бидејќи вака ако продолжи, многу ми е жал, што ќе го кажам ова јавно, се плашам, овде ќе останат луѓе кои што се склони само на криминал, на корупција. Чесниот граѓанин, чесниот работник овде ќе нема простор. Повеќе не може вака да се раководи Македонија, како овој период и наназад. Сите сме свесни како се раководи, меѓутоа за жал, сите молчиме. Мора да го кренем гласот луѓе, инаку, гледате што се случува.“ – Порача Маријан Ристески од КСОМ

Тие бараат измени на законот за работни односи, но, велат, оваа влада ги лаже цела година и едноставно нема намера да мрдне ниту си мал прст за обичниот работник.

Од независниот синдикат на полицијата велат оти ниту тие, ниту нивните колеги од затворската полиција не се безбедни на работа и работат во ужасни услови, со ниски плати, а власта во јавноста пласира погрешна слика за состојбите.

  • „Не може од партиски штабови, да се вработуваат на места од каде што заминале херои, на места каде што сме имале професионалци. Господине министер! 8 години ви зборуваме дека во МВР има состојба која не е таква како што вие ја презентирате со вашиот партнер, макеоднскиот полициски синдикат.“ – Изјави Гоце Делчев – Тодев од независниот синдикат на полицијата.

Додека во здравството, дел од вработените немаат ниту здравствено осигурување. Лишени и од право на боледување или годишен одмор, велат, вака не се издржува.

  • Работиме за 18.200 плата, без здравствено, без пензиско, без право на одмор, без боледување. Никакво право немаме ние. После 5 години ми истекува договорот на 31ви декември и сакам да ги прашам господата директори, министри за здравство, за финансии, дали и како ќе продоолжиме понатаму. – Истакна Вијана Џонова – Вработена во здравствен дом.

Изминативе неколку години, скоро и да немаше синдикат на ваботени во државната администрација кои не излегоа на протести. Од судовите, до министерствата, здравството, безбедносните служби и ред други постојано се на улиците. Тие порачуваат оти не може владините функционери да уживаат во раскош, додека државните служби без кој системот не може, да не знаат како да врзат крај со крај и да живеат недостоинствен живот, во кој не можат да си ги дозволат ниту основните потреби.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста