По 6 дена од исчезнувањето на Вања – петмина приведени, се вештачи и автомобил

По 6 дена од исчезнувањето на Вања – петмина приведени, се вештачи и автомобил

Пет лица се приведени, а во полициското депо на вештачење е и еден автомобил поврзани со исчезнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје. Потврдата стигна од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој кажа дека во интерес на истрагата, не може да открие повеќе детали за случајот кој ја потресе Македонија и регионот.

  • „Низа на криминалистички истражни мерки се преземаа во изминатиот период, со цел да се утврдат сите факти кои ќе ги соопштиме во момент кога треба да бидат соопштени. Синоќа до  доцна во ноќта се работеше, исто така, интензивно, имаме приведено 5 лица и обезбедено едно возило, со коишто се продолжува понатаму работењето. Тоа е нешто плус што го преземавме во однос на сето она како доказ или трага, со цел да дојдеме до целосно расчистување на овој случај”, рече министерот Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој апелира до јавноста да се објавуваат само официјални и објективни информации, за да не се шират повеќе шпекулации и оти предвременото соопштување детали прави проблеми за истрагата. Вчера министерот кажа дека потврда оти на Вања и се губи трагата кај Силбо или кафулето Броз- нема, МВР пак објасни зошто двапати во различно време е пријавено исчезнувањето на Вања.

  • Мајката на девојчето го пријавила исчезнувањето во 8.35 часот на 27-ми ноември, на телефонскиот број за итни повици, 112. Потоа пријавата е проследена до надлежните институции. Таткото пак, официјално го пријавил исчезнувањето во 11 часот, истиот ден, во полициска станица“, соопштија од МВР.

Шести ден од потрагата, во Македонија и регионот се уште медиумите ја објавуваат фотографијата од лицето на Вања и апел да се помогне за нејзино пронаоѓање.

Надлежните информираа дека во околината на центар се пребарани сите подруми, сослушани сведоци, прегледани се видеа од 50 камери, следен е сигналот на телефонот, пребарани се манастири, како и коритото на реката Вардар, а истрагата продолжува.

Инаку, 14-ет годишната Вања Ѓорчевска е висока 175 сантиметри, со кафени очи и темно кафена коса. Носи протези за заби и има бемка на десната страна од лицето.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста