Продолжува кампањата за претседателските избори – караваните растрчани во убедување на граѓаните

Продолжува кампањата за претседателските избори – караваните растрчани во убедување на граѓаните

Македонија со која ќе се гордееме, Македонија која ќе биде подобро место за живеење за сите, Македонија – земја каде на вистински места ќе дојдат најдобрите, а најумните нема да заминуваат. Ова беа главните пораки што ги упати кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова од митингот во Куманово.

Да не се откажуваме од успешните, стручните, компетентните луѓе, да ги негуваме како цвеќињата оти од Македонија ќе направат демократска политичка градина што заслужува да си го најде местото во ЕУ која се разбира дека е нашата иднина и јас убедена сум дека со оваа власт, не верувам ама со некоја власт која се однесува европски ќе ги го најдеме местото таму, рече Силјановска Давкова.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кажа дека сега ништо во државата не функционира, и дека на овие избори народот мора да ја преземе државата и да ја врати во свои раце.

„Таа промена зависи од вашата одлука на изборите. Македонија е многу повеќе на народот, отколку на Али, Груби и Ковачевски. Ги чека таков пораз што ќе им зујат ушите од шлаканицата што ќе им ја испорача народот прво на 24 април па на 5ти мај, порача Мицкоски.

Кандидатот за претседател поддржана од СДСМ, Стево Пендаровски, од собирот во Берово порача дека членството во НАТО е огромен успех кој ниту една владејачка гарнитура претходно не успеала да го постигне и дека до 2030-та година државава ќе стане членка и на Европската Унија.

„Нема стратешка одлука без ветер во грб од граѓаните. Ви благодарам што нè поддржавте во сите тешки одлуки за државата. На 24 април ќе покажеме дека ја одбираме опцијата 1, која за разлика од опозицијата, не го дели народот и ја води државата напред, додаде Пендаровски.

Стево Пендаровски повторно беше сам на собирите. Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски остна во Скопје каде имаше средба со луѓе со попреченост. Им вети подобри услови.

Со новиот Закон за социјална заштита од 2019 година правото за попреченост се прошири и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголеми до 50% од просечна нето плата без разлика на возраста на децата. Тоа претставува значително зголемување, бидејќи не само што е зголемен процентот туку е и зголемена просечната плата на ниво на држава“, рече Ковачевски.

Кандидатот за претседател поддржан од ДУИ, Бујар Османи, повторно порача дека нема алтернатива на уставните измени и нема да има Влада без партнерите во неа да се согласат да ги спроведат.

Кандидатот за претседател од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, во пресрет на празникот Бајрам, им посака се најдобро на оние што го слават.

„Денеска е Бајрам и би ја искористил приликата на сите муслимани да им им ги честитам бајрамските празници. Празници кои се познати по толеранција и пријателство. Им посакувам што поубави моменти да поминат со нивните семејства“ честиташе Таравари.

Кандидатот за претседател од ЗНАМ, Максим Димитриевски, од средбите со граѓаните во полошкиот регион порача дека никогаш нема да потпише закон со кој мнозинството не се согласува.

„Значи, во Македонија не се случува албанизација. Во Македонија се случува класична дуизација. Тие во текот на 20 години непрекинато се на власт, додека останатите политички  субјекти се менуваат и ним им служаткажа Димитриевски.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, на средби со граѓани во Скопје вети нов устав, современ и модерен, но и дека ќе работи на подобрување на условите за живот на сите граѓани.

Кандидатот од ГРОМ, Стевче Јакимовски, уверува дека доколку дојде на функцијата на сите патувања со себе ќе го носи министерот за економија кој ќе преговара за отворање нови врати за македонското земјоделство.

„Заедно со мене кога ќе одам на службени патувања, постојано ќе треба да оди и министерот за економија, да се отвораат нови пазари, нови можности за македонското земјоделие, особено за конзервната индустрија што се развива во овој дел од регионотпојасни Јакимовски.

Претседателската трка до Вила Водно продолжува до 24 април кога ќе се одржи првиот круг од изборите. Тогаш ќе отпаднат петмимна и до крајот ќе трчаат само двајца кои ќе соочат во вториот круг на 8 мај.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста