Продажбата на американско оружје на Израел е под лупа поради смртта на 33.000 луѓе во Газа

По убиството на седуммина работници на хуманитарна група во израелски воздушни напади, се зголемија барањата до администрацијата на Бајден да ја ограничи нејзината воена помош до Израел. Белата куќа не покажува знаци дека го прави тоа.

„Ние сè уште го поддржуваме нивното право да се бранат и ќе продолжиме да го правиме тоа. Ќе видиме и каков е резултатот од истрагата. Нема да ги предводам одлуките што сè уште не се донесени“, рече Џон Кирби, советник за комуникации за национална безбедност во Белата куќа.

Израел е најголемиот примател на американска помош од речиси четири милијарди долари годишно, од кои најголем дел во воена помош.

Според американскиот закон, администрацијата мора да го извести Конгресот за трансфер на оружје во Израел кое е поголемо од 25 милиони долари. Од нападот на Хамас на 7 октомври, Конгресот е известен четири пати, вели Џош Пол, поранешен директор на агенцијата на Стејт департментот која се занимава со трансфер на оружје.

Два случаи се водеа под системот за продажба на странска војска, и за двата, администрацијата искористи овластување за итни случаи за да го одвои редовниот законски период на известување од Конгресот. Други два биле преку процесот на директна комерцијална продажба и биле известен Конгресот, но со помала видливост, бидејќи има помалку информации што се обезбедуваат до јавноста за директна комерцијална продажба“, вели Џош Пол, поранешен претставник на американскиот Стејт департмент.

Покрај тоа, официјален претставник на Одделот за одбрана, кој зборуваше за Гласот на Америка под услов да остане анонимен, го потврди известувањето на Вашингтон пост дека од 7 октомври, над сто трансфери на оружје во Израел се извршени без да се информира Конгресот, бидејќи пакетите биле структурирани да бидат под прагот за известување.

„Кога тие јавно кажуваат дека Израел треба да преземе повеќе чекори за заштита на цивилите, но од друга страна доставуваат оружје во вредност од стотици милиони долари, тогаш кредибилитетот се губиа администрацијата на Бајден одбива да ја искористи моќта што ја има. Најзначајната потпора што ја имаат САД е огромното количество оружје што му е доставено на Израел“, рече Ари Толани, Центар за меѓународна политика.

Откако Хари Труман го призна Израел неколку минути по неговото основање во 1948 година, американските претседатели ја поддржуваат земјата, речиси сите безусловно, освен претседателот Џорџ Буш, кој во 1991 година му даде ултиматум на Израел во замена за гаранции за заеми од 10 милијарди долари.

Тој пристап функционираше. Но, не сите се согласуваат дека ограничувањето на помошта ќе влијае на промените.

„Емотивното прашање за обезбедување средства на една земја за сопствена одбрана понекогаш може да предизвика различни одговори. Тоа беше само еден вид неточна алатка за САД во минатото. Мислам дека тоа е интернализирано во оваа администрација во моментов. Затоа мислам дека заедно со долгогодишната посветеност на претседателот кон Израел, не сте виделе вистински чекори преземени на оваа рута“, вели Грант Рамли, Институт за блискоисточна политика во Вашингтон.

Претседателот Џо Бајден во изјавата рече дека е „огорчен и со скршено срце“ поради смртта на работниците, во неговиот последен укор поради военото однесување на Израел.

Сепак, тој одбива да одговори на прашањето што многумина го поставуваат “Дали размислува да ја услови воената помош“.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста