Навреди и лични дискредитации- што го одбележа досегашниот тек од кампањата за претседателски избори?

Навреди и лични дискредитации- што го одбележа досегашниот тек од кампањата за претседателски избори?

Навреди и дискредитирање на политичките ривали. Тоа ја одбележа кампањата за претседателските избори која влегува во финишот, сметаат познавачите. Според политичкиот аналитичар Александар Ристевски во тоа предничи СДСМ и нивниот кандидат за претседател Стево Пендаровски. Според него особено доминантни биле нападите врз основа на пол, возраст и изглед, нешто што не треба да се практикува во една демократска кампања.

-Јас сум непријатно изненаден од еден од условно речено фаворитите во оваа трка, од актуелниот претседател Стево Пендаровски, затоа што го сведе целото водење на кампањата на ниско ниво,а на дисквалификација, на понижување, на навреда и на неговата противничка Гордана Силјановска и на обиди на некакво оцрнување, или лепење етикети, или правење спинови кон претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави Ристевски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслуи смета дека доминирала црната кампања, и дека помалку граѓаните слушале за проекти.

-Многу малку слушнавме од кандидатите за нивни цели, ветувања во случај да не бидат со истата политичка партија од која ја црпат својата политичка моќ. Повеќе беше некако сплотено тоа или на линија на партиските ставови и нивните ветувања и нивните обврски што ги преземаат во случај да се изберат, изјави Муслиу.

Ристевски пак оценува дека за разлика од Пендаровски, Силјановска Давкова во кампањта повеќе се задржала на делот што ќе сработи ако стане претседател.

-Фаворитот на опозицијата Гордана Силјановска Давкова максимално се труди да ја испромовира што всушност ќе работи и доследност кон правните регулативи, тоа што е обврска на претседателот на државата. Кандидатите од албанскиот кампус се уште не ми се јасни каква кампања тераат, еве направија некои симпатични спотови на македонски јазик, но очигледно е дека кампањата им е насочена строго кон албанското етничко гласачко тело, изјави Ристевски.

Муслиу е на ставот дека уште повеќе црната кампања ќе се засили како наближуваат парламентарните избори.

-За жал очекувам да биде повеќе негативна отколку позитивна, затоа што многу помалку слушаме за визиите и идеите нели кои ни ги нудат и партиите и нивните кандидати, туку повеќе слушаме за лошо сработеното или за лошите намери на нивните противкандидати. Оваа стратегија е стратегија за зацврстување на своето избирачко тело, изјави Муслиу.

Аналитичарите сметаат дека помалите партии во кампањата повеќе се влезени со цел да ја оценат својата сила за парламентарните избори, а не со амбиција за победа во трката за претседател.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста