Министерството за култура со 100.000 евра годинава ќе го финансира проектот за изградба на нов театар во Прилеп

„Во тек е подготовката на проектно-техничката документација за реконструкција, изградба и надградба на Домот на култура со цел обезбедување на простор за потребите на театарот, односно нов театар кој што ќе биде во склоп на Домот на култура“, – изјави директорката на НУЦК „Марко Цепенков“, Јасмина Мицовска – Станкоска, додавајќи дека овој проект, Министерството за култура годинава ќе го поддржел со 6 милиони денари.

  „Овој проект треба да заврши, крајниот рок е некаде јуни месец, крајот на јуни месец, со што потоа продолжуваме со новата фаза, односно почетокот на изградбата и подготовка за изградба на театар и реконструкција на Домот на култура…Сега во оваа фаза се подготвува Основниот проект“, – рече директорката на НУЦК „Марко Цепенков“, Јасмина Мицовска- Станкоска.

  Колку за потсетување, изградбата на новиот театар во Прилеп, беше едно од капиталните предизборни ветувања на актуелната централна власт, како и на сега веќе бившата локална власт. Последното ветување околу изградбата на новиот театар, го даде Зоран Заев во декември 2020 година, кога од центарот на градот во кој безмалку шест децении се одржува и единствениот  МТФ „Војдан Чернодрински“, самоуверено најави дека во 2021 година ќе се започне дури и со изградбата.

„Во моментов се трансферираат 4,5 милиони денари на сметка наменска, посебна на Прилеп за изработка на главниот проект за театарот кој што следната година ќе почне да се гради“ – изјави премиерот Зоран Заев, на 19-ти декември 2020 година.

   И додека се чека на  изградбата на новиот театар, прилепскиот театарски ансамбал, кој патем е еден од најуспешните и најнаградуваните театри како во земјава, така и во странство, продолжува да работи во очајно лошите услови од безмалку еден век старата зграда на  НТ „Војдан Чернодрински“, каде не постојат ни елементарни услови за професионална театарска дејност, а за што пак, прилепските театарџии неброено многу пати и јавно реагираа до надлежните институции.

   Инаку, според директорката Мицовска – Станкоска, НУЦК „Марко Цепенков“ годинава влегла во Програмата на Министертсвото за култура со околу 40-тина проекти од драмската, музичката, сценската, издавачката и другите видови дејности и уметности. Таа вели дека годинашната финансиска поддршка од страна на Министерството за проектите на прилепската установа била значително поголема во однос на минатата година.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста