На Уставниот суд му се заканува блокада, во декември ќе остане уште без еден судија

На Уставниот суд му се заканува блокада ако пратениците не изгласаат нови четворица судии.  За претседателката, Добрила Кацарска односот на пратениците е несериозен и тие не ја сфаќале улогата на Уставен кој во декември останува и без уште еден член. На судијката Вангелина Маркудова на крајот од годината и истекува мандатот, со што во составот ќе има само 4 судии. Според Кацарска со тоа ќе се наруши и угледот на државата пред меѓународната јавност.

Уште во април минатата година претседателот на Собранието Талат Џафери е информиран дека на тројца судии престанува мандатот. Потоа и во ноември, испратив писмо до Џафери со кое го информирав дека на еден судија му престанува мандатот на 14 јануари, но испратив и писмо со апел да се изнајде начин да се изберат овие четири судии изјави Кацарска.

Согласно Деловникот Уставниот суд може да  работи и со пет судии, но Кацарска вели тежината на одлуките е сепак поинаква доколку за истата би дискутирале уставните судии во полн состав.

Од законодавниот дом, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ повикаа парламентарното мнозинство уште денеска да ја свика седница на Комисија за избор и именување и да ги достават своите предлози за уставни судии.

Секој член во Комисијата за избор и именување има право да даде предлог за уставни судии, а изборот се врши на пленарна седница. Единствени критериуми, според Уставот, се кандидатот да биде истакнат правник и да не биде член на партија. За изборот се потребни мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Уставниот суд треба да има вкупно 9 членови. Три фотелји се испразнија во јуни лани, а минатиот месец истече мандатот и на уште еден уставен судија.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста