Мицкоски: Пакетот мерки е разочарување за граѓаните и бизнисот

Бизнисите кои поради кризата со коронавирусот воопшто не работат, нема да можат да ја искористат субвенцијата за минимална плата, предупредува лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Тој вели дека пакетот економски мерки на Владата е огромно разочарување за граѓаните и бизнисот и е далеку од доволен. Мицкоски потенцира дека она што е проблематично е дека субвенцијата од најмногу 14.500 денари месечно по работник, ќе се доделува сразмерно на ефективните работни часови.

ТОНСКО ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ- претседател на ВМРО-ДПМНЕ: Имајќи предвид дека вонредната состојба  ќе трае до средината на месец април, а најверојатно како што стојат за жал работите ќе биде продолжено уште за еден месец. Тоа значи дека вработените ќе имаат нула ефективни работни часови во месец април. Или тоа ќе значи дека компаниите за кои што работат овие вработени со нула ефективни работни часови во месец април ќе не можат  воопшто да ја користат оваа поддршка од 14.500 денари.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш предложи низа мерки за што побезболно справување со оваа ситуација. Побара да се скрати на непотребните трошоци на власта, Мицкоски бара и да се организира состанок кој ќе го водат премиерот и владините функционери од економскиот сектор со гувернерот на Народната банка, каде ќе се разговара за мек трансфер на средствата од благајнички записи во државни хартии од вредност.

ТОНСКО ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: Апелираме за намалување и целосна пренамена на средствата кои што се користат за партиски вработувања од времен карактер, за репрезентации, трошоци со договорни услуги. Веднаш рационализација на буџетските трошења. На тој начин ќе обезбедите неколку милијарди денари кои потоа можете да ги користите за поддршка на буџетот и за поддршка на стопанството.

Лидерот вели дека има поединечни мерки кои се добри, но тврди дека целиот пакет не е вистинска и доволна помош која му треба на стопанството и граѓаните. Како за споредба ги спомена земјите од соседството и регионот. Србија понуди 5 милијарди евра помош, 3 милијарди дава Словенија, додека Грција ќе помогне со 6,8 милијарди евра.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста