Град Скопје сè уште не започнал да ги гради планираните кружни текови кај „Дајмонд мол“

Град Скопје сè уште не започнал да ги гради планираните кружни текови кај „Дајмонд мол“

Тунелот под Лимак е речиси готов, но абер нема од изградбата на кружните текови кај „Дајмонд мол“, кој ги вети Коце, ги почна Петре, а Данела не ги ни допре. Засега не се знае колку време е потребно за да се поврзат и пуштат во употреба шестте ленти и двете трамвајски линии во сообраќај.

„Местото каде е планиран кружен тек сега е парк, а од кабинетот на град Скопје, не добивме одговор до каде е постапката за изградбата на истиот со кој што треба да се поврзе подземната сообраќајница кај Дајмонд мол“.

Арсовска пред две години рече дека е потребно време за реализација на кружните текови, бидејќи од минатото раководство наследила нерешени експропријации на трасата, но досега не даде одговор за тоа дали е најдено било какво решение. Градот засега нема никакви активности, ниту во делот на кружниот тек кај Водњанска, ниту пак кај Јужниот булевар.

Град Скопје требаше да изгради три приклучоци за подземната улица, односно кружниот тек кај „Нова Македонија“, на крстосницата на Железничка со Бихаќка и кај подвозникот кај крстосницата на булеварите Свети Кирил и Методиј и Кочо Раин, а градоначалничката Арсовска рече дека ќе бидат приоритет во нејзиниот мандат.

Како што веќе објави турската компанија „Лимак“ тие ја имаат изградено подземната инфраструктура која не може да биде во функција, односно не може да се вози по неа, додека не се изградат влезовите и излезите, кои, според договорот кој беше потпишан уште во времето на поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, е обврска на Градот. 

Од „Лимак“ предупредија дека со отворањето на трговскиот и вселувањето во двете згради ќе има поголем број жители и посетители во тој дел од градот, а улицата која треба да го намали метежот нема да биде во функција.

Подземната сообраќајница треба да биде главната аорта за намалување на сообраќајниот хаос во градот. За нејзина изградба нема абер, а не пак за нејзино пуштање во функција која е од големо сообраќајно значење и со тоа би требало да се растерети сообраќајниот хаос и метеж кој се создава во центарот на градот.

Љубиша Владимиров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста