Еден милион денари за галичката свадба, речиси два милиони денари за струшкиот фестивал „Кенге јехо“

Еден милион денари за галичката свадба, речиси два милиони денари за струшкиот фестивал „Кенге јехо“

Еден милион денари за Галичката свадба, речиси два милиони денари за струшкиот фестивал „Кенге Јехо“. На конкурсот за државна поддршка на проекти од национален интерес, Министерството за култура реши дека манифестација со непрекината традиција од над седум децении и која има вековни корени, треба да добие двојно помалку пари од локален фестивал, кој на социјалните мрежи последен пат бил активен пред 5 години, односно, последна објава имале во 2019.

Според она што може да се види на Фејсбук, фестивалот очигледно, особено му се допаѓа на новиот технички премиер, Талат Џафери, што веројатно било и клучно да добијат најголема финансиска поддршка од министерството за култура.

На конкурсот пари беа доделени на десетици институции, но и граѓански здруженија и поединци.

За НУ Македонски народен тетар за поставување на три нови претстави се предвидени 3 милиони денари, за НУ Албански театар има иста сума, но за пет нови премиери. Засега е нејасно, како и зошто институции со далеку поразлична бројка на посетители добиваат исти средства.

НУ Ансамбл за албански ора и песни, добива 3 милиони денари, додека пак ансамблот за народни игри и песни „Танец“ 3 милиони и 990 илјади денари.

Од друга страна за манифестацијата „10 дена Крушевска република“ има само 1 милион и 500 илјади денари.

Министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска вели дека приоритет имале проекти и установи кои ја приближувале Македонија кон Европската Унија и стратешкиот партнер, Соединетите Држави.

  • „Предност имаа квалитетните иновативни проекти кои ќе се реализираат во земјите прецедавачи со европската унија, проекти кои ќе се реализираат во европски престолнини на култура, проекти кои се во функција на унапредување на стратешкиот дијалог со САД, проекти за продлабочување на соработката со дијаспора, проекти за регионална соработка и поврзување“ – Изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Годинава пристигнале над три илјади апликации, а се доделени вкупно 14 милиони евра.

Министерството за култура распредели пари и за издавање книги, организирање изложби и други манифестации, а и годинава ќе даде финансиска поддршка за геј парадата. Под ставката „фестивал на квир култура – викенд на гордоста“ одобрени се речиси 287 илјади денари.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста