Уапсен Алил Демири, бегалецот од случајот Монструм

Едниот од двајцата бегалци осудени за тероризам и петкратното убиство кај Смилковското Езеро, падна во рацете на косовската полиција, но засега е неизвесно и дали и кога ќе биде екстрадиран во Македонија.

-Денеска (24.08.2023) полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на Македонија, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело “Тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смиљковското езеро, стои во соопштението.

Алил Демири според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија. Министерот за правда Кренар Лога е известен од МВР дека бараниот Алил Демири е лишен од слобода во Косово.

Кај Смилковско Езеро во 2012 година беа убиени рибарот Борче Стевковски и четворица матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски.

На доживотен затвор се осудени Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ. На 15 години затвор е осуден е Фејзи Азири, а Хаки Азири доби девет години. Обвинетиот Сами Љута беше ослободен од обвинение.

Бегалците Демири и Исмаиловиќ со години се недостапни на органите на прогонот. Иако, надлежните неколку пати бараа нивна екстрадиција, косовските власти не излегуваат во пресрет на таквото барање. Нивното образложение беше дека Косово не екстрадира свои државјани. Демири и Исмаиловиќ се косовски државјани, но имаат и македонско државјанство.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста