Незадоволната група на Изет Меџити и официјално се фракција во ДУИ

Бришење на ставката 20% од Уставот, минимална плата од 500 евра, укинување на одлуката за покачување на платите на функционерите – ова се дел од барањата на незадоволната група во ДУИ кои од денеска и официјално ќе делуваат како фракција.  Предводникот Изет Меџити вели дека министрите на ДУИ не го почитуваат статутот на партијата, но не одговори дали ова нивно делување, значи дека на следните избори ќе настапат со посебни изборни листи.

„Фракцијата значи дека сме дел од ДУИ. Ќе присуствуваме на состаноци и ќе бидеме гласни за нашите позиции, но се надевам дека тоа се добро подготвени состаноци, а не квази средби како минатата на 1 април, можеби не случајно средбата беше на 1 април бидејќи нашето барање е дека треба да се изгласа доверба на извршната власт во Генералниот совет и гласовите да бидат скриени, а не отворени, бидејќи однапред им се дава насока или се врши мобинг врз членовите на Генералниот совет“, рече Изет Меџити.

Фракционерите не го послушаа нивниот лидер Али Ахмети, кој рече дека статутот на  ДУИ не дозволува да постојат фракции. Според Меџити, оние кои промовираат европски фронт, треба да знаат дека токму формирањето фракции во политички партии е слободно и европски.

Околу најавените можни измени на Уставот, фракционерите сметаат дека било соодветен момент да биде тргната формулацијата 20 проценти – што се однесува на албанскиот јазик. Со тоа, албанскиот јазик ќе стане втор официјален јазик во Македонија. Се пожалија и за тоа дека никој не го спомнувал придонесот на Ослободителната народна армија и бараат да се донесе Закон за регулирање на статусот на семејствата на борците од ОНА“.

За жал, три години по ред алармираме дека не се почитуваат Статутот и програмата на ДУИ, што најдобро го докажува неформирањето на партиски тела за овие години. Денеска стоиме пред вас како фракција и се обврзуваме дека ќе бидеме гласот на потребите и барањата, не само на нашиот електорат, туку на сите Албанци и овој глас нема никој да го замолчи. За нас гласот на народот е сè, затоа што ова е гласот на разумот и ќе го покажеме на дело правилното, принципиелното и сеопфатното функционирање – изјави Сандра Имери.

Тензиите во ДУИ започнаа во септември минатата година, кога фракционерите преку отворено писмо побараа од Али Ахмети реструктуирање на партијата, бидејќи ексклузивното право на одлучување за важни чекори го имале само вицепремиерот Артан Груби и првиот дипломат Бујар Османи. По неколку одржани претседателства, и оптимистички најави на лидерот на ДУИ дека проблемите во партијата ќе бидат надминати на најдемократски начин, незадоволните сепак решија да делуваат како фракција.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста