Годишно обраќање на претседателот Пендаровски пред пратениците во Собранието

Низа критики за состојбата на политичката сцена, слабите резултати во борбата против корупцијата, причините за поделеноста на народот го одбележаа годишното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Законодавниот дом. Во речиси полупразна сала, каде иако поканети, не присуствуваа поранешните претседатели на државава, Пендаровски побара од пратениците следната година да го изгласаат Уставните измени како главен чекор во евроинтегративниот пат на Македонија но посочи на потребата од широк консензус за сите идни чекори. Според него, во секој процес треба да учествуваат и опозицијата и претставници на граѓански здруженија.

„Сакам од ова место да порачам дека нам ни е насушно потребна кристално јасна и чиста правна и политичка процедура за промена на Уставот, каква што ѝ доликува на една европска демократија. Никој никого не треба да притиска, ниту да условува за да гласа спротивно на својата волја, но, при тоа, на сите пратеници треба да им се пред очи две работи: прво, дека самата содржина на конкретниот предлог, впишувањето на Бугарите и делови од други народи во Уставот, на ниту еден начин не го руши македонскиот идентитет, и второ, тие што се денес против, ако навистина веруваат дека ЕУ е нашата стратешка цел, нашата стратешка константа од 1991-та до денес и ако се денес против, како ќе гласаат за оваа уставна промена кога ќе бидат на власт?“, кажа Пендаровски.

Зборувајќи за најголемото зло кое го поткопува секој слој од општеството – корупцијата, претседателот е дециден дена мора итно и сериозно да се пристапи кон решавање на случаите кои од ден на ден кај граѓаните предизвикуваат недоверба во институциите и разочараност од не владеење на правото.

Сите наши напори ќе паднат во вода ако надлежните правосудни органи се спогодуваат со ликови за кои целата јавност знае дека со пари од народот ги имаат обезбедено и своите сѐ уште неродени деца и внуци. Теза која многумина од нас ја повторуваат со години е дека нема правда ако нема актуелни политичари во затвор за корупција, но правда нема да има и сѐ додека се на слобода судиите и обвинителите кои носат скандалозни одлуки, зад кои веројатно стојат коруптивни мотиви, дециден е претседателот.

И минатата година претседателот Пендаровски во своето годинешно обраќање на пиедестал ги стави реформите во сферата на владеењето на правото, иако, една година подоцна гледаме дека не само што нема реформи, туку критиките од меѓународниот фактор за немањето никакви резултати од ден на ден се зголемуваат. Тој и тогаш и сега потенцираше дека останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме – реформите да ги имплементираме во пракса до крај. Сепак, состојбата е разочарувачка и не влева надеж дека во брзо време ќе се врати довербата во институциите ако се продолжи со ова темпо.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста