Аналитичари: Претседателот на државата не е таканаречена „англиска кралица“ и затоа треба да ги искористи своите ингеренции

Претседателот на државата не е таканаречена „англиска кралица“ и затоа треба да ги искористи своите ингеренции за клучни прашања на политичката сцена наместо да влегува во улога на политички аналитичар. Експертите коментираат дека јавноста веќе се навикна да го слуша актуелниот но и поранешните шефови на државата во своите годишни обраќања да коментираат настани и да прават анализи наместо да преземат конкретни чекори. Од критики за корумпирани политичари, судии, јавни обвинители, до посочувања на придобивките од членството на Македонија во НАТО и фалби за Преспанскиот договор, ваквото обраќање на Стево Пендаровски беше сосема очекувано, смета аналитичарот Благојче Атанасовски.

Не само Пендаровски, и другите претседатели, повеќе настапувале од позиција на аналитичари, или коректори на властите, или целокупно на политичките елити. Мора да напоменеме, претседателот согласно уставните ингеренции, не е англиска кралица, тој има свои ингеренции, активно може да учествува во политичкиот живот, мора да биде поактивен и да презема работи со кои нема да се иззема од одговорност – вели Благојче Атанасовски – аналитичар.

Претсеталот Пендаровски постојано вели дека францускиот предлог не е ниту историски успех ниту дебакл, ама сепак постојано настојува пратениците да ги усвојат амандманите во Уставот, како тоа да е единствениот проблем со кој се соочува државава. Од друга страна, вели Атанасовски, не ги користи своите ингеренции да придонесе за смирување на моменталната состојба со хибридните закани и да го свика Советот за безбедност.

Пример еве последното случување со дојави на бомби, итно требаше да се свика Советот за безбедност, одма треба да реагираат на оваа хибридна војна. Среќа што се работи за лажни дојави но сепак постојано сите се изложени на стрес, посебно најмладите. Не знам зошто Пендаровски не го свикал Советот за безбедност, иако не убедуваат дека е се под контрола, сите клучни општествени, јавни чинители, да направат едно координативно тело под капата на Претседателот и да се превенираат во иднина вакви случувања – додава Атанасовски.

Годишното обраќање на Стево Пендаровски во Законодавниот дом го одбележаа низа критики за состојбата на политичката сцена, слабите резултати во борбата против корупцијата, причините за поделеноста на народот и поларизацијата меѓу политичките елити. Една од најсилните пораки беше и онаа дека нема да има правда во државата ако за корупција покрај политичари во затвор не завршат и судии и јавни обвинители по повод анкетите кои покажуваат ниска доверба на граѓаните во институциите. Сепак, овие декларативни изјави не ја менуваат разочарувачката состојба – и не влеваат премногу надеж дека нешто ќе се промени, посебно ако се продолжи со истото темпо.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста