Заев: Ако нема договор за ЈО да се одложи распуштањето на парламентот, Џафери: Ако треба јас ќе поднесам предлог за распуштање на 12 февруари

Ако нема договор за законот за јавно обвинителство распуштањето на Собранието кое треба да се случи на 12 Февруари може да се одложи. Заев остава простор од дополнителни 15 дена повикувајќи се на уставните одредби според кои изборите се одржуваат од 45 до 60 дена по распуштањето на парламентот. Освен за законот за обвинителство лидерот на СДСМ смета дека пред изборите треба да има договор и за Законот за одбрана и протоколот за НАТО.

“Дел од агендата беше дека за овие прашања до распишување на изборите и распуштање на изборите ќе се изгласаат. Ако некој го прекрши тоа тогаш распишувањето на изборите и распуштањето на парламентот нема да се случи. На 12 Април се изборите убаво е на 12 Февруари како што објави претседателот Талат Џафери тиоа да се случи. Изборите се распуишуваат и собранието се распушта од 45 до 60 дена, изјави Заев.”

Сепак собранискиот спикер Џафери отфрла ваква можност. Во изјава за 360 степени вели дека минималниот рок за спроведување на сите изборни дејствија е 51 ден.

“Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари”, изјави Џафери.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски смета дека е потребен квалитетен закон за јавно обвинителство, а не онаков каков што турка власта. Бара да се прифати решение кое ќе го изработат експерти кои беа вклучени во јавната дебата

“Обвинителството молчи за крупни случаи кои се поврзуваат со криминал, додека власта пробува да турка закон пред изборите, чиј вистински интерес е да се заштити по изборите од одговорност. И одново власта ја турка земјава во слепа улица, со цел да не дозволи решение кои ќе донесе независно обвинителство кое не само што нема да молчи туку ќе биде главната острица во борбата против криминалот,” вели Мицкоски.

Власта се обидува да стигне до потребната поддршка од 80 пратеници по секоја цена. Министерката за правда одржува средби со помалите политички партии. Доколку стигнат до потребната поддршка можно е законот деновиве да биде пуштен во собраниска процедура и без ВМРО-ДПМНЕ. Поднесување голем број амандмани е една од опциите на опозицијата за блокада на носењето на законот.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста