СПУКМ како тело на факултетите не постои, но УКИМ и понатаму им префрла пари

Студентскиот парламент веќе година ипол не постои, но пари редовно се префрлаат на нивна сметка.

Кон крајот на секој месец на ова тело во Универзитетот Св. Кирил и Методиј кое по измените на законот за високо образование фигурира само како граѓанско здружение, се исплаќале по околу 500 евра, од сметката на Универзитетот. Што значи за 18 месеци, УКИМ потрошиле околу 9000 евра за здружение кое е вон активностите на факултетите.

Овие бројки на исплата се потврдени од податоците на порталот „Отворени финансии” каде јасно се гледа дека се префрлале пари.

Од младинскиот образовен форум, кои и пишуваат за овој случај, велат дека е проблематично тоа што се доделуваат парични средства на веќе непостоечко тело на Универзитетот.

Последната исплата е регистрирана минатата недела, на 30 јануари, а се плаќало и секој месец од 2019 година. Последната поголема бројка која е исплатена е на 19 декември 2018 година кога биле исплатени вкупно 106 илјади денари.

Алфа побара одговор од ректоратот на УКИМ, но одговор не добивме.

Oвие исплати се случувале паралелно во периодот кога на студентите од филозофскиот факултет за запишување на летниот семестар 2019-202 година им се бараат по 100 денари за студентското собрание, иако во законот пишува дека  „работата на факултетското студентско собрание се финансира со средства на факултетот во рамките на кој делува студентското собрание, пишува МОФ.

Сепак останува отворено прашањето по кој основ се давале парите и кој ја донел одлуката за доделување на пари на СПУКМ од страна на УКИМ.

Според податоците достапни на порталот на Министерството за финансии, СПУКМ од 2010 година досега добиле вкупно 42,5 милиони денари, односно нешто под 700 илјади евра.

Meри Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста