Опозицијата и експертите со спротивни ставови од власта- има ли шанси да се донесе нов закон за ЈО?

За 10 дена Собранието се распушта, има ли реални шанси да биде донесен новиот закон за Јавно обвинителство? Постојат големи разлики меѓу опозицијата и власта. А предлог законот на Министерството за правда наиде на низа критики и од страна на експертската јавност. Тие предупредуваат дека вака подготвениот текст од предлог законот не би поминал во Венецијанска комисија.

Професорот од правниот факултет, Никола Тупанчески го спори и делот од законот каде што се предвидува поранешните обвинители од СЈО, кој се вратија во своите матични обвинителства да продолжат да постапуваат по предметите, вели според македонските обвинител од Основно обвинителство не може да постапува по предмети од организиран криминал.

-Не може да има повреда на стварната надлежност. Значи со малку зборови и ембреви, што значи тоа, може јавен обвинител кој што е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Како може обвинител од Основно јавно обвинителство да постапува кога станува збор за организиран криминал, изјави Тупанчески во Собранието.

Од опозицијата ја повикаа власта да ги прифати препораките од експертите околу новото законско решение.

-Не постои никаква шанса да отстапиме од нашите барања во однос на овој закон. Од една страна ја имате Дескоска, од друга страна ја имате целата правна фела. Впрочем се она што го кажаа експертите, професорите од Правниот факултет и сите оние кои што се на некој начин поврзани или затекнати со законот за ЈО, го говорат истото, само Рената Дескоска го говори спротивното, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Со реакција на Фејсбук излезе и министерката за правда, Рената Дескоска, таа ја повика опозицијата да подготви амандмани за предлог законот.

-Им порачувам на ВМРО-ДПМНЕ и на Антонио Милошоски, наместо да се занимаваат со измислување на афери таму каде што ги нема, да се посветат на подготовка на амандмани на Законот за јавно обвинителство, ако мислат дека има потреба да се прават измени на текстот. Само така ќе покажат дека се спремни да го остават зад себе времето на “моќници”, на “нарачани лустрации и прогони” и да ги стават интересите на евроинтеграцијата пред личните интереси на обвинетите и осомничените криминалци од нивните редови, напиша Дескоска на Фејсбук.

За стартот на неделата се закажани нови разговори меѓу работните групи на власта и опозицијата, во обид да се дојде до приближување за носењето на овој закон, кој во моментов е најважен за евроинтеграциите на државата.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста