Вештакот Котевски: на 27-ми Април, Нинџа не бил во ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога тврди дека бил

Александар Василевски – Нинџа сведочел лажно за организаторите на 27 април покажува вештачењето на одбраната. Вештакот Мирослав Коцевски тврди дека Нинџа  не бил во штабот на ВМРО-ДПМНЕ околу 18 часот како што тој сведочеше. Анализите од вештачењето на телефонот на Нинџа, кои денеска беа презентирани на судењето на организаторите на настаните на 27 април 2017, покажаа оти тој се појавил во ВМРО ДПМНЕ после 22 часот.

  • Со ова вештачење ние докажуваме и потврдуваме дека лицето Александар Василевски Нинџа во времето за кое тврди дека бил во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е некаде од 17:30 до 18:30 часот според движењето на двата негови телефонски броеви за кои се тврди дека ги поседувал воопшто не бил во тој период во близина на седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ – рече ЕЛЕНКО МИЛАНОВ – АДВОКАТ НА ОДБРАНАТА.

Василевски тогаш тврдеше дека на 27 април околу 17.30 му се јавил Спиро Ристовски кој го прашал каква е состојбата на терен и го повикал да дојде во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. И ова денеска го демантираше лиценцираниот вештак  на одбраната. Според неговата анализа која го опфаќа периодот од февруари до мај 2017 година Нинџа не комуницирал ниту со обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиевски.  

Обвинителката Вилма Рускоска пак, не се обиде да го побие вештачењето туку му апелираше на судот да не го зема предвид како доказ, бидејќи како што рече, вештакот користел скенирани докази. Одбраната на тоа одговори дека тоа се докази што обвинителството ги доставило до судот, од каде и тие ги земале.  

Колку за потсетување,  Нинџа има историја на „сведок-соработник“ со обвинителството и судот поради што добивал значително помали казни од делата за кои се товарел. Во случајот за 27 април Кацарска огоромен дел од својата пресуда ја темелеше само на кажаното од Нинџа, додека јавноста зборуваше дека Нинџа добил казна под минималната затоа што „ги пополнуваше дупките во обвинението на Рускоска“.

Во кривичниот суд денеска сведочеа и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски и екс претседателот на УМС Владимир Неловски кои потврдија дека партијата не учествувала во организирањето на случувањата од 27 ми април. Следното рочиште е закажано за два дена кога како сведок треба да се појави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска неможеше да присуствува поради однапред закажани обврски. Од партијата порачуваат дека доколку биде уредно поканет ќе сведочи на првото наредно рочиште за, како што велат, вистината наспроти политичките злоупотреби и прашини кои се креваат за овој случај.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста