Од музика не се живее, а посебно не во време на корона, музичарите доведени на питачки стап

Што се 6000 денари за помош на музичарите? Мерките на Владата се нелогични и со премногу строги критериуми – ова се реакциите на разочараните музичари кои скоро цела година ЕДВАЈ  врзуваат крај со крај.. Корона кризата голем дел музичарите ги натера да бараат други професии, , за да можат да го поминат месецот. Пандемијата го донесе новото нормално, а мерките за помош кои и онака доцнат не се покажаа како доволни за нив.

Имам колеги кои буквално не знаат како ќе го преживеат месецот, мислам дека премалку е направено токму за овие категории, и мислам дека одговорните луѓе треба добро да размислат за следни мерки, час поскоро, бидејќи овие се мерки кои се однесуваат на енократен паричен надоместок – вели музичарот Петар Младеновски.

Најавената помош за самостојни музичари дојде со еден куп услови кои ретко кој ги исполнува. Реагираат дека за да се исполнат критериумите, секој самостоен уметник треба да има регистрирано фирма. Поради оваа причина, ретко кој ќе ја искористи таа помош. Џез музичарот Џон Илија Апелгрин вели дека иако се дозволени концерти, работата е многу намалена и никој не може да преживее од неколку концерти годишно.

Со еден концерт не можете да живеете, освен недела дена. Фалат настапите, државата проба да помогне, или рече дека ќе проба да помогне, но оние што се самостојни уметници не можат да рачунаат на помош од државата затоа што немаат регистрирано трговец поединец фирма – вели џез музичарот Џон Илија Апелгрин.

Музичарите постојано апелираат Власта да ги слушне нивните барања, да донесе конкретни пакет мерки за помош, за да можат да ја пребродат оваа криза.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста