Средба Ковачевски – Петков: Големи очекувања, но без суштински решенија

Не кажа во која држава се наоѓа и на кој јазик се зборува тука – Премиерот на Бугарија Кирил Петков не го именуваше македонскиот јазик – на конкретното прашање одговори дека Бугарија ги почитувала сите јазици кои биле во македонскиот Устав. Многу почести и помпезно најавување на првата средба Ковачевски – Петков, ама малку детали за тоа што се договарало и преговарало. Работните групи ќе обрнеле внимание на работите кои ги зближуваат двете земји, а за комплицираните прашања ќе си даделе подолг рок. Нема ниту најава ниту временска рамка, кога Бугарија ќе ја деблокира Македонија на патот кон евроинтеграциите.

„Во договорот за добрососедство има многу јасна дефиниција за јазикот и во тој правец апсолутно го поддржуваме самоопределувањето на сите граѓани во Северна Македонија како и употребата на сите јазици како што се опишани во Уставот. Имаме полно разбирање за тоа и ќе продолжиме да ги третираме сите прашања во тој конструктивен дух“, изјави Петков.

Премиерот Димитар Ковачевски стои на ставот дека историјата ќе ја оставеле на историчарите. И покрај досегашните понижувања, навреди, напади но и отстапки кои ги направивме, Ковачевски ја пофали Бугарија дека била првата земја која ја признала независноста на Македонија. Како најново понижување беше непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија, иако нашиот сосед бара Бугарите на влезат во македонскиот Устав. Денеска на оваа тема не беше кажан ниту збор.

Се договоривме да формираме работни групи од повеќе области, инфраструктра, економија, трговија, деловната соработка,образованието и исто така тука спаѓа и Комисијата за историскообразовни прашања која имаат свој план за работа. Тие треба да информираат што е договорено и начинот на кој е договорено. Во однос на јазиците, ние сме држава признаена од Бугарија, со македонски јазик, со потпишани билатерални договори со кој се регулира начинот на кои се потпишани тие договори, македонскиот јазик е дел од повелбата на ОН и другите институции и организации каде членуваме. Сите прашања кои се однесуваат на историските делови ќе бидат во втор план, а во прв план е градењето е зближување на граѓаните, кој ќе ни даде стимул и аргументи за постигнување на договор со Бугарија и отпочнување на преговорите со ЕУ“, рече Ковачевски.

Бугарскиот премиер соопшти дека го прифаќаат краткото уставно име „Северна Македонија“, и се пофали со тој напредок од денешната средба со Ковачевски. За 25 јануари е закажана седница на двете влади, а работните групи кои Петков ги најави со голем оптимизам, ќе се состануваат секоја недела.

Адријана Алексиеска