Со ракување го пречека, со насмевка му ја предаде фотељата, Ковачевски официјално седна на местото на Заев
Решавање на спорот со Бугарија, справување со енергетската,економската I здравствената криза, фокус кон човечкиот капитал – ова се дел од приоритетите на новиот премиер кој утрината ја презеде функцијата од Зоран Заев. Ковачевски побара од сите министри чесно и одговорно да ги водат своите ресори во наредните две години – кога и ќе бидат редовните парламентарни избори доколку го задржи тенкото мнозинство ако се земе предвид дека за новата влада гласаа 62 пратеници.
Новата Влада има јасна цел – да одговори соодветно на енергетската криза, да обезбеди сигурност, услови за подобар живот и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што како одлики ги барав од сите министри што прифатија да бидат дел од тимот, кој заеднички ќе се стреми низ независните институции и правично општество да им служи на интересите на граѓаните, изјави премиерот Ковачевски по средбата со Пендаровски.
Пред традиционалната средба кај Пендаровски, Ковачевски првиот работен ден го почна со состанок со амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз и министерката за Европа Ана Лирман. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ критикуваат дека владата нема ниту легитимитет ниту капацитет да се справи со предизвиците, а парламентарното мнозинство е нестабилно.
СДСМ и ДУИ изгласаа влада со само 62 пратеници, а недели наназад зборуваат како имаат стабилно мнозинство. Ова ли е тоа стабилно мнозинство? Мнозинството и владата повторно се на стаклени нозе, нестабилни и нефункционални. Старо-новата Влада од истрошени и компромитирани кадри на чело со пиунот Ковачевски, нема никаков легитимитет, капацитет и авторитет да ја води, а уште помалку да ја извади државата од вкупно 4-те прогласени кризни состојби на територија на Македонија, како и од блокадата на нашиот пат кон ЕУ, истакна Драган Ковачки, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.
Ковачевски повеќе пати напомена дека луѓето во новиот состав ги бирал по способноста и посветеноста на работата каде во групата министри не се најдоа Венко Филипче кој му ја предаде функцијата како министер за здравство на Беким Сали, Радмила Шекеринска на чие место сега е Славјанка Петровска, досегашната министерка за култура и ја предаде функцијата на Бисера Костадиновска-Стојчевска, Јагода Шахпаска ја предаде функцијата министер за труд и социјална политика на Јованка Трпчевска.
Адријана Алексиеска