Рокот за рушење на дивоградбата кај “Мавровка” истекува, ни трага ни глас од инвеститорот

Бетонските столбови и бетонската плоча што преку ноќ никнаа пред трговскиот центар Мавровка остануваат недопрени. Рокот, кој го доби мистериозниот инвеститор да ја сруши градбата истекува утре. Засега се уште нема ни трага ни глас од инвеститорот. Доколку до утре сам не ги отстрани бетонските столбови, тоа ќе треба да го стори општина Чаир.

Ако до пред неколку дена работниците ја вршеа изградбата со полна пареа, денеска пред Мавровка беше тивко – ниту се гради, ниту се урива. Од петокот почна да тече рокот од осум дена кој го постави општината за да го извести сопственикот дека објектот треба да се урне. Дали инвеститорот има намера да го направи тоа, од општината до сега нема одговор. А нема глас ниту од газдата на изгореното кафуле на истата локација, иако во повеќе наврати се обидовме да го контактираме.

Инвеститорот на нелегалниот објект кој се градеше на местото на изгореното кафуле “Фонтана” има рок да ја сруши градбата до утре. Ако тоа не го направи сам, понатаму ќе постапи Општината и Инспекцискиот совет.

Општина Чаир објави и тендер за избор на компанија која ќе го изведе уривањето, чија вредност достигнува сума од над милион денари. Градоначалникот на општината во изјава за медиуми рече дека тендерот не е само за уривање на овој објект, ако инвеститорот своеволно го урне, тендерот нема да го поништат туку ќе се користи и за други дивоградби во оваа област.

Дека работите на местото на поранешна Фонтана се илегални, беше утврдено во текот на инспекцијата која беше спроведена на 20 јули. Но кога инспекторите пристигнале на терен, не го нашле изведувачот на работите и за тоа општината го известила преку Службен весник.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста