Прилепската Полициска станица од општа надлежност, единствената Станица со двајца командири ?!

       Полициската станица од општа надлежност во Прилеп, најверојатно е единствената Полициска станица која истовремено има двајца командири. По апсењето на командирот Кире Спиркоски во големата полициска акција која се случи на Плетвар, во април годинава и при која беше запленета дрога, вредна над 800.000 евра, Советот на општина Прилеп, деновиве донесе одлука за назначување на нов, втор командир, иако претходниот, кој се наоѓа во притвор, се уште не е разрешен, а работното место му е ставено во мирување. Правниците укажуваат дека овој чин е флангрантно кршење на Законот за Полиција.

   „Министерот за внатрешни работи, спротивно на Законот за Полиција, пред да достави предлог до Советот на општина Прилеп за избор на нов командир на ПС-ОН, претходно нема донесено никаков акт за разрешување на претходно поставениот командир….Јас како еден од бранителите на претходниот командир, доставив писмено укажување до Советот на о. Прилеп, заради таквото прекршување на Законот и укажав на последиците од донесувањето на една таква одлука од страна на Советот, кое нешто беше очигледно занемарено“ – ни изјави за Алфа, адвокатот Жаре Стеваноски.  

  „Законот за Полиција децидно укажува на тоа дека министерот има дискреционо овластување да разреши командир на Полициска станица, кое нешто отсусутва во конкретниов случај, а е неопходен услов за избор на нов командир“, објаснува Стеваноски и апелира до МВР да ја преиспита оваа незаконска одлука.

   „Командир на ПС е работно место, согласно Законот за работни односи и не е избрана или именувана функција. Во таа смисла, во конкретниов случај, претходниот командир, токму од министерот има добиено Решение со кое работниот однос на работното место – командир на ПС му е во мирување. Ваквиот предлог го крши Законот за работни односи, кој јасно укажува дека за време на мирувањето, работниот однос не може да биде прекинат…Станува збор за прекршување на Законот кој повлекува и кривична одговорност“, – вели Стеваноски.

   На ова кршење на Законот, реагираа и локалните опозиционери.

  „И наместо министерот за вбатрешни работи најпрво да го разреши досегашниот командир, па пота да продолжи изборот за нов, СДСМ си измислуваат нови закони ?! Или пак, изборот на два командири се должи на зголемениот криминал во општина Прилеп, кој очигледно е единствената област која се развива во нашиот град ?!“ – прашуваат од ОК ВМРО-ДПМНЕ, Прилеп.

   Инаку, стариот командир кој веќе четврт месец се наоѓа во притвор, е осомничен за директна инволвираност во трговијата со дрога. Познавачите на состојбите коментираат дека овие случувања се должат на некакви чистки помеѓу моќни крила во партијата на власт.

Каролина Дурло