Расте бројот на заразени со Ковид 19 – лекарите алармираат дека се потребни итни мерки за заштита

Строга ПЦР контрола на границите и карантин за патниците кои доаѓаат од ризичните земји – само преку вакви мерки ќе може да се спречи потенцијална катастрофа со корона пандемијата во земјава, алармираат докторите. Специјалистот по медицина на труд, Илчо Ефкоски вели дека секогаш кога мерките за заштита од вируси се намалуваат или укинуваат, се остава простор вирусот да се шири меѓу населението. Опасната делта варијантата е увезена во Македонија, па затоа потребна е строга контрола особено на патниците кои се враќаат од годишни одмори од земјите во соседството.

„Лично би вовел задолжителен П7-дневен карантин за сите кои доаѓаат од овие земји, ПЦР тестот да има важност максимум 24 часа, а сите новодијагостицитени би ги секвенционирал во МАНУ како би можеле навремено да имаме податоци со која варијанта се бориме на терен. Се остава други поголеми дупки во заштитата кои ни носат можност некоја од варијантите да создаде кластери и широка трансмисија. Она што не се разбра во земјава е дека економијата зависи од здравјето на луѓето. Доколку немате здравје, вие нема да имате ни економија, како може да имате економија ако немате здрави луѓе“, вели доктор Ефкоски.

„Каде ќе оди овој делта воз, кога го пуштаме по истите стари шини, а знаме дека е побрз и посилен, прашува доктор Ефкоски и алармира дека на есен може да очекуваме уште посилен удар кој може да донесе и поголеми трагедии, бидејќи во однос на мерките за заштита, ништо не било променето од лани.

„За да се поместиме од мртва точка во која сите сме загрозени од патогенот Сарс Ков 2, ние мора да имаме Комисија за заразни болести која е стручна по ова прашање. За жал Комисијата се уште е на едно ниво кое не може да го даде одговорот кон пандемијата, Вие гледате до сега како таа се справува. Со познавања и мерки, како отворен прозор за вентилација од времето на теоријата за Мијадма или од времето на Луј Пастер, ние не може да се бориме и денес во 21 век. основа би требало да е изолација на изворот на вирусот, а тоа се луѓето, односно мерките како што се маските. Во случајот со делта особено е препорачан повисок степен на заштита, бидејќи е многу полесно пренослив, кај маските на пример тоа би значело да е минимум Н95 стандард“, додава тој.

А во меѓувреме, бројот на заразени драматично расте. На сред лето, здравствените билтени бележат троцифрени бројки на ново заболени пациенти, нешто што не беше случај минатата година во август. Докторите кои година и половина се бореа во првите борбени редови во ковид центрите, веќе на големо се подготвуваат повторно да ги облечат скафандерите бидејќи стравуваат дека до крајот на месецов делта сојот повторно ќе ги наполни болниците.

Биљана Божиновска

https://youtu.be/XbStdaMglQg

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста