VOA за Алфа: Претседателската кампања во САД добива на интензитет

Претседателската кампања во САД добива на интензитет. Фокусот и на Доналд Трамп и на Џо Бајден е во оние држави каде има најтесна разлика меѓу нив, но Републиканската и Демократската партија имаат сосема различен пристап кон гласачите.

Претседателот Доналд Трамп оваа недела посетува пет сојузни држави – Флорида, Северна Каролина, Мичиген, Пенсилванија и Невада. Во сите нив разликата со неговиот противкандидат Џо Бајден е тесна.

Трамп продолжува да организира митинзи пред илјадници луѓе и вели дека неговите собири не се поинакви од протестите „Црните животи се важни“.

Ако одите на протести и се пикате едни во други и правите што сакате, може да го правите тоа зашто ве сметаат за мирен демонстрант. Затоа, ние одлучивме митинзите да ги викаме мирни протести, рече Доналд Трамп, претседател на САД

Во меѓувреме кандидатот од Демократската Партија, Џо Бајден, се среќава со поддржувачите во мали групи каде се почитува социјалното дистанцирање. Така беше и во Пенсилванија неделава.

Кампањата на Бајден во најголем дел се потпира на виртуелни настани преку кои тој треба да биде прикажан како емпатичен лидер кои сака да ги заштити луѓето.

Некој кој ќе присуствува на поинтимни настани и кој ќе го слушне она што имаат да го кажат луѓето. Тоа е дел од аспектот на социјална правда, но и на медицинските и економските аспекти на неговата порака. Додека претседателот Трамп сака големи собири. Тој сака да покаже дека има поддршка од она што тој го нарекува тивко мнозинство на Американците, дека тој е во трката и дека се уште има многу следбеници изјави Тод Белт од Универзитет Џорџ Вашингтон

На настан во Мичиген Бајден го нападна Трамп со информации од книгата на новинарот Боб Вудвард која допрва треба да биде објавена. Во неа се открива дека претседателот бил снимен во февруари како признава дека ги минимизира ризиците од коронавирусот пред јавноста за да не предизвика паника.

Тој ги имал информациите. Знаел колку е опасно. И додека оваа смртоносна болест се ширеше низ нашата нација, тој намерно не ја вршеше својата работа. Тоа е предавство на американскиот народ со живот и смрт, додаде Џо Бајден, кандидат за претседател на САД

Не сакаме да покажеме паника. Нема да покажаме паника. И токму тоа и го направив. И јас бев многу отворен, со Вудвард и кој било друг, дополни Доналд Трамп, претседател на САД

Анкетите покажуваат дека пандемијата влијае на гласачите и дека повеќето Американци не се задоволни од тоа како Трамп се справува со коронавирусот, нешто што Бајден сака да го потенцира во кампањата.

Но, иако Трамп е зад Бајден во анкетите на национално ниво, разликата е минимална во дел од сојузните држави.

Трамп продолжува со традиционални активности – отворање на локални канцеларии низ целата земја и одење од врата на врата.

Советниците на Бајден тврдат дека нивната стратегија на фокусирање на пандемијата и на економијата преку таргетирање на различни интересни групи и виртуелни настани дава резултат.

До изборите на 3-ти ноември ќе се одржат и три дебати меѓу кандидатите за претседател, Трамп и Бајден како и едно соочување меѓу кандидатите за потпретседател, Пенс и Харис.

За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста