Jагнешкото станува луксуз поради високите цени, годинава ќе изостане од многу велигденски трпези
Годинава Велигден веројатно за голем број семејства ќе биде посен, затоа што цените на месото растат. Килограм јагнешко се движи од 600 до 800 денари. Граѓаните се жалат дека со 200 евра стандард не можат да си дозволат да купат месо. Велат дека трошоците за живот им се преголеми па годинава ќе си поминат со поскромна празнична трпеза.
Некои пак, иако е скапо велат ќе купат само за празникот малку јагнешко.
И сточарите се жалат дека немаат ќар и дека кајмакот им го собираат месарниците. Сметаат дека цената од 230 денари за килограм жива мера не им е ниту исплатлива, ниту доволна за да преживеат. Со моменталната откупна цена не можат да си ги покријат ниту основните трошоци и бараат реална откупна цена со која како што велат ќе можат и да спечалат нешто. Според нивната математика, ако килограм јагнешко во месара е 800 денари тие треба да го продаваат за 450 до 500 денари.
„Ние го продаваме по 230 денари жива мера. Треба да биде околу 500 денари, од 450 денари до 500 во месара, како што земаат од нас 230 во месарата треба да биде 500. Според таа цена која тие ја продаваат во месарите, по 800 денари, тие треба да го купуваат од нас 400 денари. Ќар нема, работната рака е многу скапа и маката е наша. Ќарот е на месарниците и кланиците“, вели Бајрам Омер.
Покрај цената на јагнешкото, расте и цената на се поголем број производи. Иако статистички инфлацијата паѓа, сепак во маркетите не се забележува поевтинување, а можен е и нов ценовен шок поради растот на цената на нафтата на берзите. Според статистика, трошоците за живот растат, во однос на март минатата година до март годинава се зголемиле за 4 отсто. Според пресметките на Синдикатот за едно четиричлено семејство да преживее потребни се скоро 59 илјади денари и тоа ако станува збор за семејство кое живее во сопствен стан.
Љубиша Владимиров