Уапсени 17 припадници на затворска полиција, му помогнале на убиец да избега
Уапсени се 17 затворски полицајци од Идризово кои организирано му помогнале на осуденик што лежи за убиство да избега, а претходно го пуштале да влегува и да излегува од боницата каде бил сместен секогаш кога тој ќе посака, соопшти Обвинителството за организиран криминал. Тие се осомничени за делото овозможување бегство на лице лишено од слобода. Пет од нив со помош на уште еден приправник од Идризово, наместо да го однесат во болница на преглед, направиле план за бегство.
На 26 октомври лани, двајца од осомничените го спровеле осуденикот во приватната клиника на преглед и таму го оставиле сам во просторијата за пушење. Полицајците заминале од просторијата, а осуденикот со автомобил избегал. Откако се дал во бегство, осомничените не го пријавиле со што му дале шанса на бегалецот да избега. За шест полицајци се бара притвор.
Осомничените не го пријавиле бегството кај непосредните старешини во КПУ- КПД Идризово, ниту тоа го сториле осомничените од втората смена, туку седеле без осуденото лице во празниот апартман во болницата каде биле затекнати од полициски службеници од ЕИП при МВР-СВР Скопје, велат од Обвинителство за организиран криминал.
Покрај овие шестмина уште 11 други замижале додека осуденикот излегувал и влегувал во приватната болница за време на неговиот претстој.
„Јавниот обвинител против 11 лица води предистражна постапка заради постоење на основи на сомнение дека, во временскиот период од 19 – 26.10.2023 година, сториле продолжено кривично дело Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода по чл.373 в.в. со чл.22 од КЗ. Осомничените во текот на престојот на осуденикот како соизвршители, додека биле на смена, го ослободувале осуденото лице кое им било доверено на чување, кое непречено без придружба ја напуштало здравствената установа и по повеќечасовно отсуство се враќало назад“, велат од Обвинителство за организиран криминал.
Имено, Идризово во последен период наликува како да се спрема сценарио на филмот Бегство од Шошенк. Пред неколку дена, при претрес откриени се два тунела кои требало да бидат употребени за бегство на непознат број затвореници. Ова е втор случај во Идризово да се пронајде тунел за бегство во релативно краток временски период.
Во март 2023 година беше откриен идентичен обид. Тогаш имаше сомнежи дека во ископот на тунелот „помогнале“ и вработени во затворот. Но, досега во јавноста не е објавено дека беа откриени потенцијални помагачи меѓу чуварите или раководството.