Од утре две смени на пунктовите за вадење лични документи

Од утре две смени на пунктовите за вадење лични документи

Крај на мрзнењето и чекањето со часови за фотографирање за нови лични документи. Се менува начинот на работа, со кој ќе се забрза процесот. Од среда 14 вработени од МВР ќе сликаат за пасоши во пунктот „Пролет“, од понеделник ќе се работи и во две смени. Со новината која ја воведува министерот Тошковски, тоа всушност ќе значи зголемување на капациетот од 4 базни станици на 28 во еден ден.

  • „Граѓаните кои веќе имаат закажано термин ќе бидат контактирани од економскиот оператор задолжен за тоа и ќе им биде понуден нов термин во многу пократок рок. Истовремено, оние ослободени термини добиени при прочистувањето на сите списоци ќе останат на располагање за идни резервации“, информираат од МВР.

Покрај ова решение, кое се однесува за скопјани каде е и најголемата гужва за вадење на лични документи, од владата се очекува и решение за оние кои во моментов се во странство.

Инаку, Тошковски го посети и Одделот за изработка на лични документи.

  • „Од страна на раководството и вработените во оваа организациска единица бев запознат со комплетниот процес на изработка на личните документи и заеднички разговаравме за преземање на определени мерки и активности насочени кон подобрување на овој процес и зголемување на капацитетот на изработка и испорака на документите“, објави Тошковски.

Инаку, кај граѓаните се создаде огромен револт, бидејќи ниту виновни, ниту должни се приморани да вадат нови патни исправи и лични документи со новото уставно име на државата, иако постоечки им се важечки. Според преспанскиот договор потпишан со соседна Грција, документите на кои пишува „Република Македонија“ важат уште неполна недела, односно до 12 февруари.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста