Обвинител и полиција денеска влегоа во ДИК да ги земат документите за набавката на софтверот

Обвинителството ќе го „чешла“ тендерот за новиот софтвер на Државната изборна комисија. Службеници од Обвинителството за организиран криминал и корупција, со асистенција на МВР рано утрово влегле во канцелариите на ДИК и ја заплениле целата документација од набавката склучена со компјутерската фирма „Дуна“.

Од Обвинителството за Алфа велат оти се работи за предистражна постапка, а предметот бил отворен по допрен глас откако ноќта, на изборниот ден, падна сајтот на ДИК и не работеше речиси цела седмица.

„Отворен е предмет по допрен глас за набавката на софтверот. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција влезе во ДИК за да ја одземе тендерската документација, со цел да се провери законитоста на јавната набавка“, велат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Информацијата за Алфа ја потврди и обвинителката Вилма Рускоска. Вели поради сомнеж околу законитоста на јавната набавка побарале од судија на претходна постапка за издаде наредба за претрес.

Дека ќе се испитува јавната набавка на софтверот Обвинителството најави минатата недела. Но, случајот го оставија за после заокружување на изборните резултати оти како што рекоа, не сакале да вршат влијание врз работата на Комисијата.

Набавката на нов софтвер за потребите на ДИК предизвика реакции во јавноста, откако дел од порталите пренесоа дека договорот со фирмата изведувач наводно бил склучен во четири очи непосредно пред одржувањето на предвремените парламентарни избори.

Системот кој требаше да биде модерен и да ги прикажува резултатите во реално време, падна веднаш штом почна пребројувањето на гласовите. Јавноста, за прв пат во 14 години, откако се дигитализираше ДИК, со денови не можеше да види која партија колку гласови освоила по изборни единици.

Од ДИК тогаш обвинија за хакерски напад од надвор, а случајот се уште се истражува од Секторот за компјутерски криминал во МВР.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста