Ситуацијата во Дојран излегува од контрола особено за викендите, кога туристите буквално не можат да се разминат
Туристичка дестинација со нула заразени од Ковид 19 – вака гласат информативните флаери на општина Дојран и покрај фактот што моментално има 7 активни случаи на корона во општината. Флаерите со препораки за заштита од корона вирусот беа делени помеѓу посетителите и туристите изминатиов викенд, но на плажите и базените во ова туристичко место, само делумно се почитуваат протоколите.
Од она што Алфа го виде на терен, вработените носат маски, но на влезовите нема поставено средства за дезинфекција, ниту пак се запазува дистанцата на индивидуалните чадори, кои според протоколите на Владата, треба да бидат поставени на минимално растојание од 4 метри.
Сликата е иста и на базените. Нема задолжителна подлога за дезбариера на влезот, ниту пак хиперхлорирана дезбариера во базенскиот дел за дезинфекција на нозете.
И покрај информативните флаери со препораки за заштита од корона вирусот, кои викендов им беа доделувани на посетителите и туристите во Дојран, од страна на комуналните редари, сепак во ова туристичко место делумно се почитуваат мерките за заштита. Се наметнува прашањето како општина Дојран ќе се справи да ги спроведе сите мерки за заштита за време на претстојниот продолжен викенд, односно за празникот Илинден, каде секоја година на ова туристичко место во огромен број се собираат туристи и посетители од целата земја.
Ситуацијата излегува од контрола особено за викендите, кога во Дојран туристите буквално не можат да се разминат. Но и навечер, кога младите се собираат и забавуваат на плажите. Сместувачките капацитети се полни до средина на август, а се очекува бројот за празникот Илинден да достигне и до десет илјади посетители дневно.
Дијана Тасева