„Обезглавената“ ОТА заглавена во политички преговори
Оперативно-техничката агенција втор месец без директор, а вработените без плата. Институцијата која е од витално значење за безбедноста на државата е заглавена во Собранието, поради политичките договарања.
Несериозноста на власта е причината за оваа ситуација во која се најде ОТА, велат од опозицијата, од каде предупредуваат дека ова е сериозен проблем.
- „Ова се случува во период кога се случува и еден од скандалите со набавката на новата опрема во институцијата, односно во ОТА, која што дефакто е еден посредник при спроведувањето на ПИ мерките, осносно помеѓу народот популарно, кога се спроведува прислушкувањето.“ – Вели претседателот на комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, пратеникот Игор Јанушев.
Собраниската комисија за избори и именувања распиша оглас за избор на прв човек на ОТА, на само два дена пред истекот на мандатот на директорот, Зоран Ангеловски. Се пријавиле 21 кандидат, но процедурата запре .
- „Има дискутабилни неколку пријавени, за кои мислиме дека треба со службите да се провери дали се соодветни со образованието. Мислам дека ќе имаме неколку спорни. Не фали нешто, туку само заради образованието“, вели претседателката на комисијата за избори и именувања, Марија Георгиевска.
Пратеникот Јанушев се сомнева во целиот процес и одолговлекувањето на процедурите.
- „Комисијата воопшто не одржа никаков состанок или било каква работна средба на која што ќе се утврди дали кандидатите ги исполнуваат или не ги исполнуваат условите. Од она што имав прилика да го видам, чисто се сомневам дека ниту еден од кандидатите не исполнува условите.“ – Појаснува пратеникот Јанушев.
Националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам при Владата, Златко Апостолоски, сепак смета дека не е доведено во прашање функционирањето на ОТА.
- „Институциите функционираат врз основа на стандарди кои се пропишани за таа институција. Ако момоментлно на директорот му завршил мандатот, а нов директор не е избран, институцијата мора да продолжи да функционира и да работи согласно законот.“ – Вели националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризам, Златко Апостолоски.
Инаку, оперативно-техничката агенција произлезе како продукт на препораките од странскиот правен експерт Прибе, со кои им се оневозможи на тајните служби да слушаат комуникации директно, туку само преку посредник, односно ОТА.
Никола Цветкоски