Николоски: Власта ги прифати позициите на ВМРО-ДПМНЕ, неразумно e да има одвоени избори

Николоски: Власта ги прифати позициите на ВМРО-ДПМНЕ, неразумно e да има одвоени избори

Власта ги прифати позициите на ВМРО-ДПМНЕ, парламентарните и претседателските избори да се случат заедно. Со ова, Македонија ќе заштеди и пари и време. Потпретседателот на опозициската партија во интервју за „Слободен печат“, вели дека било неразумно да има одвоени избори и оти сега има две опции за датумот. Една опција е првиот круг на претседателски избори да биде на 31 март, а вториот круг заедно со парламентарните, да се случат на 14-ти април. Додека пак втората опција е она што и ВМРО-ДПМНЕ го предложи, а тоа е на 24-ти април да биде првиот круг на претседателски избори, а на 8-ми мај да биде вториот, заедно со парламентарните. Верува дека неговата партија ќе биде во позиција да бира со кој ќе коалицира по изборите.

  • „ДУИ е најмалку посакуван партнер, особено ова раководство на ДУИ не доаѓа предвид затоа што се крајно корумпирани и криминализирани, така што доколку сме во позиција да бираме, а мислам дека ќе сме, тогаш би соработувале со она што сега се нарекува албанска опозиција“ – Истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу другите горливи политички прашања, Николоски ги коментираше и уставните измени, кои власта се обидува да ги протурка. Вели, станува збор за „Бугарски диктат“, затоа што договорот во целост е во корист на Бугарија, а Македонија не добива ништо. Николоски појаснува дека во преговарачката рамка за Македонија е многу поразлична и со услови кои досега не постоеле за ниту една друга земја што преговарала со унијата.

  • „Покрај преговори за легислативата на ЕУ, треба да се преговара за спроведување на протоколите кои што ги носат владите на Македонија и Бугарија врз основа на Договорот за добрососедство и пријателство од 2017-та година, кој што не е ниту за добрососедство, ниту за пријателство, и работата на историската комисија каде што нашите историчари преговараат со пиштол на глава“ – Појасни Николоски.

Тој е уверен дека основна причина зошто Македонија не ги започнала преговори со ЕУ е затоа што неколку големи земји членки, сметаат оти државата не е подготвена во делот на борба со криминалот и корупцијата. Инаку, досега тие ќе ја притиснеле Бугарија, како што тоа го правеле и во минатото, со други земји членки.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста