Безбедносната состојба во Прилеп во последниве три месеци бележи благо подобрување

Безбедносната состојба во Прилеп во последниве три месеци бележи благо подобрување

Убиство на малолетник од свој врсник, петнаесет опожарени возила само во последниве 14 месеци, мноштво неразјаснети криминални дела, кражби, интензивна продажба на дрога, насилство по улиците се само дел од проблемите за кои во Прилеп во последниве години гласно се молчи. Континуираното криминално функционирање на државата воопшто е причината за овој хаос, смета актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, и додава дека за среќа, во последниве три месеци, работите веќе почнале да се менуваат.

  • Граѓаните ќе видат со свои очи дека одговорноста ќе има име и презиме. Чуда преку ден нема да се случат, треба време да помине. Кога луѓето ќе видат дека секое едно дејствие, секој еден кривично-правен настан кој ќе биде преземен на штета на македонските граѓани, ќе заврши како што треба, во законита постапка, двапати ќе го стави прстот на чело и ќе размисли дали ќе направи нешто туку-така лесно или нема да направи. Ова безаконие и хаос на кое што се сведоци прилепчани е заради тоа што поминаа еден тон афери, државава се краде како што се краде во континуитет, а притоа никој не одговара“, – вели Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.

На „царувањето“ на криминалот за брзо ќе му биде ставен крај, вели Тошковски и уверува дека се преземаат сите мерки за одговорните да бидат изведен пред лицето на правдата, а за што веќе имало и евидентни резултати.

  • Бројот на пријавени кривични дела во период од 1.01.2024 до 1.04.2024 е во намалување. Во месец јануар имаме 117, во февруари 111, во месец март 109. Имаме зголемен број на поднесени кривични пријави, јануари 29, февруари 39, март 67, имаме и намален број на пријавени кривични дела со непознат сторител, а имаме и зголемена ефикасност на расветлување, јануари 5%, февруари 12%, март 25%“, – пососчува Тошковски.

  Инаку, колку за потсетување, повеќе крупни кривични дела, случени на територијата на Прилеп, со години си стојат нерасветлени. Мистерија останаа двете бомби поставени во кафулиња во градот уште пред пет години, а никаква разрешница се’ уште нема ниту мега-кражбата од 2022 година на маслото од канабис во вредност од 2 милиони евра од Фабриката за марихуана во с. Алданци.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста