Наместо новогодишен огномет
На многу места од земјината топка наместо вообичаениот новогодишен огномет со кој симболично се означува почетокот на новата календарска година оваа Новогодишна ноќ ќе помине под бои кои значат реална несигурност за цивилното население.
Годината 2023 која истекува ќе биде запаметена како една од најкрвавите години од почетокот на 21 век според започнатите воени конфликти и според оние кои се во најава. Особено за геополитичкиот простор каде што лежат раседните линии над кои се споени Европа, Азија и Африка односно стариот Ориент. Тука спаѓа и Македонија.
Војната во Украина продолжи преку целата година со одредена статистика од стотици илјади загинати и повредени. Разрушени градови и инфрастурктура, окупирана голема територија која сега е интегрален дел од Руската федерација. Се очекуваше огромна помош од западот која може да ја окрепи Украинската држава, но освен информации дека таму веќе дејствува моќно оружје подарено од земјите на НАТО значајни промени нема. Границата на фронтот се поместува западно.
Во Русија се изведе некаков обид за напад на Москва со што пред очите на светската јавност падна една завеса зад која се крие пост суверенизмот каде што една меѓународна воена компанија може да напаѓа суверени држави. За многу скоро време видовме и авионска несреќа во која загина човекот кој беше одговорен за таа армија.
Големиот судир во Судан кој е актуелен повеќе од еден век повторно се појави во април 2023 година со многу жртви до сега.
Во текот на 2023 година светот се вчудоневиди од нестабилност во земјите од Африка кои досега се сметаа за поранешни колонии на Франција се уште зависно врзани за нејзиниот финансиски систем. До неодамна најчесто покрај знамето на овие држави се вееше знамето на Франција. Во 2023 година имаме можност да видиме сцена во која човек се искачува на јарболот го симнува знамето на Франција потоа го развејува знамето на Руската федерација.
Потоа откривме дека странските разузнавачки агенции и армии не откриле и не реагирале иако многу од аналитичарите објавуваа дека приватната армија на Пригожин дејствува во тој реон. Во тој контекст може да се разгледуват 14 држави со приближно 200 милиони жители: Камерон, Конго, Република Гвинеја, Чад, Гвинеја Бисао, Слоновата Коска, Мали, Нигер, Сенегал, Того, Бенин, Буркина Фасо, Централната Африканска Република, Габон.
Во текот на 2023 година светот остана сериозно загрижен и заради етничко чистење изведено речиси пред камери. Станува збор за анектирањето на Нагорно Крабах од страна на Азербејџан. Ерменското население по заземањето на Карабах ја напушти земјата и замина да живее во изгнанство во Ерменија. За волја на вистината и дел од азерите прогонети претходно започнаа процес да се вратат на своите огништа.
Во октомври 2023 Хамас (организација која има генеза во Исламското братство и ја зазеде контролата врз областа Газа во Палестина) нападна делови на Израел. Киднапираше и сурово се понесе кон недолжни цивили на Израел и граѓани од други држави во светот. Тоа му даде сила на Израел да ја нападне областа Газа и дневните извештаи за загинати цивили и особено бројката на загинати деца се обесхрабрувачки за целата светска јавност.
Новогодишната ноќ нема да ги сопре нападите на востанатите Хути во Јемен на преминот Баб ел мандаб на југот од Црвено море. Имено тие за цел на напади ги имат бродовите на европските земји но и на Кина кои пренесуват 10 % од светската нафта низ тој премин и низ Суецкиот канал на север. Хутите направија обид со дронови да го поддржат и Хамас, но Израел и САД тоа го пресретнаа. Додека САД се спремат да интервенират обвинувањето за овие настани паѓа врз Иран.
Десет години отворено Источно прашање
Пред речиси десет години во 2014 година Русија го анектираше Крим. Светот беше вчудоневиден но, сепак никој не беше спремен за нова ,,Кримска војна’’. На тој начин повторно се отвори источното прашање и во прашање е доведен мирот и стабилноста на многу помали држави кои се сместени на геополитичките граници на Европа Азија и Африка. Се повторуват како рима и подударање сликите од историскиот контекст на познатата Источна криза. Кога изрично се бара меѓата на истокот Ориент и западот Оцидент. На просторот каде се одвивале најголемите конфликти и од каде се лансирани причините за двете светски војни.
Особено затоа што и Македонија е дел од таканаречената линија на огнот. Како резултат на што изминативе години се најде на сериозен притисок кој има редефинирачки карактер. Македонците достоинствено ги одбиват промените но, заканата пред која сме исправени овие години има своја сериозност. Затоа од наш голем интерес е да се решат сите проблеми кои направија реминисценција на Источното прашање кое е отворено веќе една деценија.
Прашањето е дали конечно војната во Украина ќе заврши и со тоа да се создадат услови за квалитетно затворање на редица прашања. Доколку не се работи на дипломатско затворање на проблемите и во наредната година ќе биде јасно дека војната во Украина ќе продолжи со обид за завршница од двете страни. Се очекува сериозна изненадувачка офанзива на Русија во текот на зимскиот почеток на 2024 година.
Се очекува дека Израел ќе го уништи Хамас до крај, но штетите сериозно ќе ги претрпат палестинците. Се претпоставува дека Палестина која беше чадор држава за Западен брег и Областа Газа ќе го изгуби и онака слабиот суверенитет над областа Газа.
Очекувано е да настанат проблеми повторно помеѓу Азербејџан и Ерменија со оглед на фактот дека Русија и Иран нема да и помогнат на Ерменија во зачувување на суверенитетот над одредени делови за кои Азербејџан е заинтересиран.
Светски аналитичари предвидуват дека Етиопија може многу скоро да ја нападне Еритреја. Етиопија која има потреба од излез на море се по гласна е во изјавите на актуелниот претседател дека Етиопија има потреба од излез на светските топли води.
Новиот Ориент и новиот Оцидент.
Постојат два сериозни аргументи во решавањето и затворањето на Источното прашање. Најпрвин можноста Ориентот да не е веќе во својата стара позиција. Имено новите аналитички пристапи го преместуват географскиот Ориент на далечниот исток. Ако поранешното значење на Ориентот се религиски круцијалните места во новиот свет, тие во новите светски односи имат ново значење. Кина со околните земји со бројноста и со развојот сериозно го заслужија епитетот Нов ориент односно нов центар на исток.
Конфликтот кој се појави помеѓу Кина и Тајван може да биде сериозно одвлекувње на вниманието но истовремено може одржи лекција за тоа како би можел да се реши конфликтот насекаде. Имено, решение се успешни преговори кои може да произлезат од изборните резултати на следните избори во Тајван. Партијата на прогресивците која е на власт во Тајван постојано ги затегнува односите со Кина. Дури, кон тајванците се обраќа како кон посебна историска нација. Но, Куомитанг партијата која е во опозиција и која всушност го направи историското одделување на Тајван од Народна Република Кина сега е во предност на анкетите пред изборите и предлага нови преговори со Кина. Тоа пак покажува дека изборите закажани за околу 40 земји во светот во 2024 година носат надеж за промени во правец на мирот во светот.
Друг исто така добар геополитички аргумент кон затворање на источно прашање може да настане во просторот и на запад во новото лице на Оцидентот.
Не треба да се испушта од предвид фактот дека областа Сапхел и Северна Африка според геополитичките теории се наоѓа во простор кој е значаен за западот. Конфликт во овој простор може да значи сериозни проблеми. На пример Либија каде што сили подржани од приватни армии ја напаѓат владата. Либија е составена од територии како Киренаика, Фезан мал дел единствено останува под контрола на легалната власт ( која има силна поддршка од Турција) па се претпоставува дури и нејзино разделување.
Понатаму очекуван е нов конфликт да избие во пазувите на западот после референдумската одлука донесена во Венецуела со која се покажа аспирација на дел од територијата од соседна мала држава Гвајана. Односно врз областа во чие море неодамна се пронајдени големи количества енергенси. Значи без да има потреба од армиска интервенција Венецуела декларира дека може од овој морски басен да црпи енергенси. Со оваа одлука не се согласуват ниту САД ниту Бразил.
Интересно е што за овој регион во Латинска Америка интерес сега покажува Индија. Пред речиси два века со бродови индијците биле преселувани на плантажи во Ескиво, спорната територија каде што сега живее 40 % население со индиско потекло. Во таквата бркотницца возможно е Индија да застане на една страна, Бразил и Венецуела и САД на друга.
Значи едно од очекувањата кои светот ги има за 2024 година е после десет години конечно да се затвори Источното прашање за да може да се смират воените конфликти и да се посвети внимание на науката, економијата, демографскиот фактор и новиот технички развој.
Да се надеваме дека 2024 година ќе значи сериозно преумување на елитите, ослободување на можноста поединецот да работи за она што е добро и полезно за душите и за мир во светот !
Петар Трајков