Судијката Оља Ристова се жали пред Врховен за неизборот во Апелација

Судијката Оља Ристова се жали пред Врховен за неизборот во Апелација

Судскиот совет не и ја отвори вратата од скопска Апелација на Оља Ристова, па за неизборот се жали пред Врховен. Иако зад себе има предмети од кривична област и активност надвор од судот, Ристова вели не била оценувана согласно критериумите по кои се гласало за колегите кои беа унапредени.

  • „Ако ја погледнете снимката и ги анализирате размислувањата на секој кандидат посебно, вие ќе видите дека кај кандидатот кој е избран, за кој немам ништо против, се употребени критериуми кои еднакво и јас ги имам. Кажано е дека е истакнат судија, со интегритет, многу професионален, па и предавал на школа за новинарите. Знаете и вие дека јас учествував на таа школа. Тоа е само еден дел кој би го кажала, каде субјективно се удвојувале делови од пријавите, за да едни бидат избрани, за штета на другите кандидати“ вели Ристова.

Владимир Туфегџиќ, адвокат на Ристова, вели дека одлуките кои ги носи Судски со бадентерово мнозинство треба детално да бидат образложени, бидејќи се унапредуваат полошо рангирани кандидати.

  • „Според мене, ова е жалба во која се бранат основни елементарни принципи, се брани достинството на судиската професија и функција. Со оваа жалба се брани принципот на еднаквост и рамноправност, не само на жалителот, туку на сите сегашни и идни кандидати за избор на судии. Едноставно, само тоа е начинот да се воспостави еден праведен ред и од таа причина сметам дека жалбениот совет на Врховниот суд има во основа улога, со својата одлука по оваа жалба да воспостави унифициран став, правила за идно постапување на членовите на Судскиот совет, за да во иднина нема ситуација да имаме било каков сомнеж за евентуални политички или бизнис влијанија и евентуална злоупотреба на механизмот на бадентеровото мнозинство“, кажа Туфегџиќ.

За постапката на избор на судии во скопска Апелација реагираа и од Коалицијата „Сите за правично судење“. И според нив, Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка, односно засебно за секој кандидат.

Ристова беше помеѓу 24 кандидати од Кривична област кои сакаат унапредување во Апелација. Имаше само 4 слободни места а довербата од Судски ја добија Габриела Гајдова, Александра Ристевска, Весна Димишкова и Осман Шабани. Останатите 4 судии беа избрани од граѓанска област, за да се пополнат 8-те слободни столчиња во скопскиот Апелационен суд.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста