МЗ без конкретен одговор зошто пациентите со механичка поддршка на срце чекаат на ветувањата на Заев и Филипче

Министерството за здравство наместо да даде конкретен датум, кога ќе го спроведе ветувањето за бесплатна партиципација на пациентите со механичка поддршка на срце, тактизира. Стручните служби правеле анализи, па ќе одговореле на барањата.

Стручните служби на Министерството ги разгледуваат сите аспекти кои произлегуваат од барањата на Здружението Храбро срце, со цел соодветно да се одговори на барањата во зависност од извршените стручни проценки и анализи – информираат од МЗ.

Проблем е во тоа што ни беше ветено дека од 1.1.2022 година ние сме вметнати во програма и ќе почне да се практикува тоа, но не е исполнето. Последно барање е испратено пред неколку месеци на кое што тогашниот премиер на државата и тогашниот Министер за здравство ни ветија исто дека од 1.1 не е никаков проблем ќе отпочнеме со уживање на тоа добро, но ништо не се случи од тоа. Сега се обидуваме да стапиме во контакт со актуелниот премиер не можеме, а ни со актуелниот министер недостижни се за нас, но ние стоиме на барањето дека ни е одобрено од Премиерот и од Министерот на нашата држава – вели претседателот на „Храбро срце“ Васко Јолески.

Трошоците за лекување на пациентите со механичка потпора на срце, според претседателот на здружението „Храбро срце“, се превисоки и поради тоа бараат ослободување од партиципацијата за лекување.

Пациентите со механичка потпора, живеат со пумпа, која му помага на срцето да испумпа доволно крв за да можат да преживеат до оној момент додека се најде трајно решение. И додека се во исчекување на трансплантација, која сериозно ќе им го подобри и олесни животот, бараат власта барем да ги исполни дадените ветувања.

Кон крајот на 2021 година, Здружението „Храбро срце“ побара ослободување од партиципација за нивните потребни прегледи и лекови, а тогашниот премиер Зоран Заев, и министер за здравство Венко Филипче, дека на први јануари ќе почне да се спроведува програмата. Три месеци подоцна, на терен работите се поинакви – власта не може да изнајде решение за ослободување од партиципација на само 18 пациенти.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста