Митинзите на ДУИ како Див Запад – ВМРО-ДПМНЕ бара Спасовски да реагира за пукањето

Македонија како Ел Дорадо во предизборието, се пука на митинзи со огнено оружје. Опозицијата обвинува за лицемерие и двојни аршини бидејќи СДСМ и коалицијата се однесувале како да се на Див Запад, а првиот човек на Министерството за внатрешни работи Оливер Спасовски ги штител оние што пукаат на партиски собири иако тоа е противзаконски.

Очигледно е, СДСМ и Оливер Спасовски имаат двојни аршини за граѓаните на Република Македонија. Зошто? Затоа што Зоран Заев вчера потенцираше дека јавно му напоменал на Оливер Спасовски да постапи според законот за пукањето на партиските собири на власта, притоа да постапи веднаш, без разлика кој пукал и како пукал и од која партија пукал. Еве, како што и самите гледате пројде трети ден, партиите на власт како СДСМ и ДУИ пукаат на партиски собири во Скопје и во Тетово, никој не знае дали тоа оружје било легално или не, дали можеби со него пукале лица од МВР или не. Ако биле лица од МВР зошто не се повело постапка во внатрешна контрола, ако оружјето не било легално од кое се пукало зошто веќе не е запленето – праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Арсовски.

Во меѓувреме премиерот Заев и натаму смирува – полицијата трагала по сторителите, но ги правда и интегративците дека се оградиле и повикале МВР да постапи.

На состаноците со нив, бидејќи секојдневно работиме заедно, тие се оградуваат. Тие повикуваат МВР да си постапи по сите вакви случаи бидејќи треба да ги одвратиме. Прво, не мислам дека тоа некому му носи добро. Тоа одвраќа гласачи, поддршки, позитивен амбиент. Второ, тоа е кривично дело. Тоа е нарушување на јавниот ред и мир. Веројатно и злоупотреба на законот за оружје. МВР ги има веќе снимките, објавени се и истражува за точно да ги најдат сторителитерече Заев.

На присутните на партискиот собир не им пречеа пукотниците, туку напротив, ги поздравија.

Од МВР потврдуваат дека се преземаат мерки,  но деталите ќе ги соопштеле кога ќе се расчистел случајот. Пукањето во Чаир и тетовско Желино предизвика остри реакции, но ваквото однесување не и е непознато и ново на македонската јавност. На претходните избори ДУИ славеше со рафали.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста