Мицкоски: Ковачевски зборува за лидерство а нема легитимитет бидејќи не е избран
Со каква леснотија се напаѓа професор како Силјановска Давкова, зачудено прашува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски откако лидерот наа СДСМ обвини дека претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ немал лидерство.
„Таа покажа дека е човек кој нема лидерство. Што се овие избори? Избори помеѓу надеж или безнадежност – европска иднина или изолираност. Пендаровски или Силјановска Давкова. Ги имате изјавите на Силјановска Давкова дека бескрајно треба да чекаме за ЕУ. Тие биле луѓе што биле против НАТО. Затоа, Пендаровски треба да биде претседател на Македонија“, рече Ковачевски во Дуел за Македонија на Канал 5.
Мицкоски вели дека Македонија треба да добие претседател како Силјановска Давкова, бидејќи споредбата со Пендаровски воопшто не е потребна. „СДСМ долго време бараше, бараше и конечно најде човек кој што е подготвен да изгуби. И нема подобар пример од Стево Пендаровски како човек кој што е подготвен да изгуби и да доживее дебакл на следните претседателски избори”, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Од една страна ја имате професорката, меѓународно етаблирана, била експерт во Европскиот совет, била дел од Венецијанската комисија, од друга страна го имаме Стево Пендаровски кој ќе биде запаметен по онаа реплика што му ја даде на Бојко Борисов. Ја имате Силјановска Давкова која покажа исклучителен квалитет. И тогаш и сега сметам дека треба да биде претседател кој ќе ги застапува интересите на граѓаните. Во овие години ја опљачкаа Македонија, ја засрамија, ја поништија. Потребен е човек кој заедно со ВМРО-ДПМНЕ ќе ги врати достоинството, почитта и надежта“, вели Мицкоски.