Македонија е веќе уморна и целосно отрпна на притисоците и лажните ветувања од меѓународната заедница

Македонија е веќе уморна и целосно отрпна на притисоците и лажните ветувања од меѓународната заедница

Македонија е се подалеку од одржување на втората меѓувладина конференција која е условена со уставните измени. Планот на власта да се вметнат Бугарите во Уставот до декемврискиот самит пропадна како кула од карти. Според експертите ова уште повеќе ќе го разочара македонскиот народ кој и онака изгуби надеж дека Македонија ќе стане членка на Европската Унија. Поранешниот министер за правда Михајло Маневски смета дека е жално, патот на Македонија кон ЕУ да биде условен со внесување на 3500 Бугари во Уставот, а Унијата да молчи за пресудите од Стразбур кои се однесуваат за правата на Македонците во Бугарија.

Сега толку многу се запна за 3500 бугари да се внесат во Уставот, како тоа да е најзначајно за ЕК.  Зошто ЕК, со една таква уцена, можеби е тежок збор, но, става јамка околу вратот на Македонија и се спречува да одиме напред кон ЕУ вели поранешниот министер за правда, Михајло Маневски.

Од друга страна, вели Маневски, Македонија отрпна од притисоци и лаги сите овие години. Го променивме името и вратите на Брисел не се отворија, а сега повторно треба да го менуваме Уставот. Ние сме единствени за кои важат посебни правила и не се почитуваат Копенхашките критериуми, на кои треба да почива целиот процес на пристапување. Нас ни ветуваа, сменете го името ќе се отворат портите. Но тоа што не влеговме во ЕУ, не е крив само Брисел. Во Македонија не владее правото, бидејќи тука владеат функционери кои се корумпирани и поради нив владее едно беззаконие кое може да донесе фатални последици по нашето општество. Македонија е претворена, во преносна смисла на зборот, во една онкологија. Во Македонија народот е веќе сит од она што постојано се ветува и не се исполнува. Сит е од лаги, народот сака да живее во држава во која ќе владее закон и правда. Ова ли е закон и правда? Гледате како функционираат институциите? Граѓаните се сити од лаги, од функционери кои не си ја работат работата, кои се корумпирани и кои не одговараат за стореното – додава Маневски.

Според поранешната амбасадорка Василка Поповска Треневска. Македонија не само што е отрпната туку е и уморна. Народот веќе не верува во тие приказни дека ако влеземе во ЕУ ќе цветаат рози. Токму овој евроскептицизам се должи на погрешните политики. Експертите се согласни дека излезот од овој ќорсокак се избори и формирањр нова влада,

Само избори може да бидат патоказ. Сега сме во еден ќор-сокак и не знаеме како понатаму. На нас останува како да го менаџираме овој процес. Евроскептицзмот постои и ќе се зголемува во некоја рака но тоа треба да биде сигнал да продолжиме по патот што сме го избрале – евроинтеграциите.  Посетата на Фон дер Лајен не донесе ништо ново, тоа веќе го знаевме, дека мора уставни измени и реформи, но од нас зависи. Затоа, изборите за сега би биле решение. Македонија не само што е отрпната, туку е и уморна. Навистина сме уморни сите. Ја нема таа еуфорија, дека кога ќе влеземе ќе цветаат рози, и народот веќе не верува во  тие приказни  премногу страдаме – вели поранешната амбасадорка, Василка Попоска Треневска.

Уставните измени не се единствената обврска која Македонија треба да ја исполни за да продолжи по патот кон ЕУ. Треба да испорачаме сериозни реформи во судството, борба против корупцијата, европеизација на институциите. Од друга страна треба да се земе предвид, дека и самата Унија  треба да се реформира пред да прими нови членки. Сите овие работи според експертите укажуваат дека 2030 година е недостижна временска рамка, да влеземе во ЕУ.

Адријана Алексиеска

 

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста