Кризата во Украина конечно го разбуди Македонското Собрание

По подолго време Собранието конечно се одблокира но низа предлог закони не беа ставени на дневен ред иако беа планирани на вчерашната координација. Предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за покачување на пензиите, намалување на акцизата на горивото и предлог Законот за намалување на Данокот на додадена вредност, не беа ставени на дневен ред. Опозицијата критикува дека Власта покажува лажна грижа за граѓаните, и наместо да ги изгласа законите кои се однесуваат на соочувањето со економските последици, избраа да ги доведат пензионерите до раб на сиромаштија.

Предлозите за намалувањето на акцизата на горивата и ДДВ-то, за пратениците од СДСМ, биле само „бркање“ политички поени. Тие имале стратегија за соочување со последиците, поткрепена со анализи.

И наместо да се одлучува за предвидените законски решенија, поголемиот дел од собранискиот ден, пратениците беа заглавени во процедурата за разрешување на член од Комисијата за избори и именување Фадил Зендели. На четири минути пред почетокот на пленарната седница, собранискиот спикер Џафери го стави на дневен ред расрешувањето на членот од БЕСА, со образложение дека мнозинството во Комисијата го има опозицијата, а не власта. Овој предлог од опозициските пратеници беше пречекан со гласни довикувања, несогласувања и опоменувања дека Џафери го крши Деловникот.

Комисијата за избори и именување која е клучна за поставување уставни судии е блокирана бидејќи остана без претседател откако Костадин Костадинов стана градоначалник, со што се измени мнозинството во истата.

Ниту декларацијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ не беше ставена на дневен ред.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста