Лебот и брашното веќе поскапеа – државата засега не интервенира од стоковите резерви

Лебот и брашното поскапеа, но власта не интервенира со државните стокови резерви. Од таму пак апелираат до граѓаните да бидат смирени, бидејќи не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи. Велат, состојбата ја следат и во моментов немало потреба да се стават во функција стоковите резерви, бидејќи имало залиха за 35 дена.

  • Стокови резерви со храна и нафтени деривати има доволно, се следи внимателно ситацијата и доколку има потреба државата ќе интервенира. Имајќи предвид и дека производителите на овие основни производи имаат залихи за период над 1 месец, не вклучувајќи ги деновите кои може да се покријат преку државните резерви, велат од Владата.

Од опозицијата пак бараат од власта да се интервенира со пуштање во промет на стоковите резерви за да се ублжи растот на цените. Прашуваат и дали тие всушност се полни.

  • Единствен начин да се спречи ценовен шок од големи размери, да се запазат цените и стандардот на граѓаните е државата да интервенира на пазарот преку пуштање во употреба стоковите резерви на пченица со што од мелничката индустрија нема да имаат потреба да купуваат скапа пченица од надвор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според светските берзи, цената на пченицата деновиве скокнала за 24%, а од домашната мелничка индустрија велат дека имаат залихи на брашно и пченица за 30 до 45 дена.

За колку време ќе има жито било државна тајна, и никој не може да каже колкави биле залихите, велат од Агро бизнис комората.

  • Притисокот ќе биде голем на берзите, а со тоа и зголемување на цени, бидејќи знаете кога има недостаток, расте цената на берзите. Не ги знаеме уште конкретните последици, бидејќи неколку дена  се од почетокот на инвазијата на Украина, како тоа ќе се рефлектира… Ние сметаме дека во тоа треба да бидеме проактивни, ако не се полни,да се наполнат тие резерви, да бидеме спремни за најлошо сценарио. Добар домаќин, добра држава,секогаш го прави тоа, изјави Горан Ѓорѓиевски од „Агро Комора“.

Инаку, пченицата, пченката и јачменот се чуваат во силоси, солта и лековите во складишта, а нафтата во цитерни на различни локации низ земјава. Властите уверуваат дека тие биле полни, но нема информации дали ќе се прават дополнителни набавки со оглед на драстичниот раст на цените на светските берзи.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста