Уште денеска цените замрзнати, од утре покачувања на сите продукти

„Замрзнатите цени“ од утре ќе се одмрзнат, а се поизвесен е и новиот бран на  поскапувања. Полиците за зејтин и брашно, но и останатите основни продукти, во дел од маркетите викендов останаа празни. Дел од граѓаните набавуваат поголеми количини, другите велат не можат за залихи да го одврзат кесето кое е и онака празно.

Дека ќе следува нов бран на поскапувања не кријат експертите а ниту  производителите и трговците. Владата, мерката во која цените беа на „стенд бај“ ја замени со ограничување на маржите до 5% за трговијата на големо и до 10% на таа на мало само за неколку производи. Новата владина одлука ќе ги извлече трговците, кои изминатиов период непрекинато алармираа дека работат со огромни загуби, но не и граѓаните. Оние производи кои немаат замрзнати цени веќе се поскапени.

  1. Банана – поскапена за 8-10 денари!
  2. Лимон – поскапен за 5-7 денари!
  3. Јаболка – поскапени за 8 денари!
  4. Домат – поскапен за 14 денаари!
  5. Зелка – поскапена за 4 денари!
  6. Компир – поскапен за 6 денари!
  7. Грав – поскапен за 17 денари!
  8. Путер – поскапен за 5 денари!
  9. Ајдамер кашкавал – поскапен за 67 денари!
  10. Гауда кашкавал – поскапена за 29 денари!
  11. Свинска кртина – поскапена за 20-40 денари!

А од утре ќе има корекции и на останатите артикли. Ова веќе го најавија производителите. Од мелничко – пекарската индустрија велат дека досега работеле на работ на рентабилноста.  

– Никакви ограничувања не се пазарни и не се популарни мерки. И помала маржа значи помал данок на добивка. Но во моментов,  ограничувањето на маржите е најсоодветно, од една страна да се заштитат производителите, а од друга страна потрошувачите. Но секако, нагорна корекција на цените мора да има, а колку зависи од калкулациите на самите компании. Тие не можат да произведуваат и да продаваат по цени што ќе им доста загуби.  Сите влезни цени се зголемени. И она ценовно стабилизирање што го имаше, на пример со пченицата, сега со руско-украинската криза, се дестабилизира и еве од вчера до денес цените се зголемени. Да не зборуваме за цените на гасот и на струјата кои не се смируваат – вели Малишиќ.

Одлуката за ограничување на маржите се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното и сончогледово масло за јадење, трајното млеко, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот.

И статистика пресмета раст на цените. Трошоците на животот во јануари во однос на истиот месец лани биле повисоки за 6.7 %, а цените на мало за 7.3 %.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста