VOA за Алфа: Кој е новиот претседател на САД? Конечни резултати уште нема

11 дена по претседателските избори се уште нема целосни и конечни резултати. Доналд Трамп поднесе жалби во повеќе сојузни држави, а Џо Бајден веќе го формираше неговиот преоден кабинет.

„Ние ќе победиме“ – на Денот на ветераните претседателот Доналд Трамп ја упати оваа кратка порака преку Твитер. Неговите тимови поднесоа жалби во повеќе клучни сојузни држави, а последна во низа е онаа во Пенсилванија која има за цел да го блокира потврдувањето на изборните резултати.

Можно е да кренат доволно прашина и доволно наводи и несигурност за потенцијално да ја убедат легислативата која е контролирана од Републиканците да постави електори кои би постапиле спротивно од она што е изгласано во државата. Тоа би бил исклучително екстремен чекор. Тоа навистина би бил удар против американскиот народ и уништување на демократските процеси – вели Пол Шиф Берман, професор по право на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Во меѓувреме две сојузни држави се движат кон пребројување на гласовите – Висконсин и Џорџија.

Маргината е толку мала, ќе биде потребно рачно пребројување за секој округ. Ова ќе помогне во градењето на довербата. Тоа ќе биде истовремено и ревизија и пребројување – вели Бред Рафенспергер, државен секретар на Џорџија.

Штабот на Трамп соопшти дека „ова е важен прв чекор во процесот да се осигура дека изборите биле фер и дека секој легален глас бил преброен.“

Досега правните постапки кои ги поведе тимот на претседателот не успеаја да обезбедат докази дека има изборна измама, велат Демократите.

Помина една недела и претседателот се уште очајно бара докази за измама. Нема да најде бидејќи не постојат – вели Крис Марфи, Сенатор од Демократската Партија

Дури и доколку дел од тужбите и барањата за пребројување се успешни аналитичарите велат дека е малку веројатно оти тоа ќе го промени крајниот резултат.

Изгледа разумно она што медиумите, и оние кои се приклонуваат кон лево и оние кон десно, го заклучија, а тоа е дека е невозможно Трамп да го надомести дефицитот со кој се соочува во клучните држави како Пенсилванија, Мичиген, Висконсин и Невада – вели Роб Статзман, републикански стратег.

Законот предвидува дека електорите мора да се состанат и да ги пренесат гласовите до средината на декември.

Во меѓувреме проектираниот нов претседател, Џо Бајден, веќе работи на формирање на својот тим, а оствари и виртуелни средби и со повеќе светски лидери.

Речиси сите лидери на најголемите држави во светот му честитаа на Бајден. Тоа го направија и македонските претседател и премиер, Пендаровски и Заев.

За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста