Како што дојде, така и ќе си оди – без избори: Следната недела Ковачевски конечно го напушта премиерското столче

Како што дојде, така и ќе си оди – без избори: Следната недела Ковачевски конечно го напушта премиерското столче

Како што дојде – така ќе си појде, без да биде избран од народот. Десет дена до разделбата на Димитар Ковачевски со премиерското столче – шансите да стане пак премиер, ако се суди според последните анкети, се многу мали. Потврди дека до 26 јануари ќе поднесе оставка, а местото на Илинденска ќе припадне на актуелниот собраниски спикер Талат Џафери, како технички премиер. Процедурите за пржинската Влада, треба да почнат веќе од 22 јануари. Пратениците ќе имаат седум дена да ги констатираат оставките на премиерот, министрите, замениците, на претсетдателот на Собранието и да изберат нови.

Имав состанок со Џафери, со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески и кандидат за претседател на Собрание, разговаравме во однос на законските рамки и порцедурите, целата процедура ќе се одвива согласно законските рокови кон крајот на идната недела – рече премиерот Димитар Ковачевски.

Додека во јавноста се лицитира со имиња на носители на листи, и можни кандидати за претседател – Ковачевски не открива ништо. Дали СДСМ и ДУИ ќе одат со заеднички кандидат за шеф на државата, дали ќе имаат заеднички листи, дали помалите партии ќе извисат – се прашања кои до сега не добија одговор.

Од друга страна, опозициската ВМРО-ДПМНЕ која претходно формираше Комисија за преговори со политичките партии, очекува зголемување на коалицијата. Како што изјави Мицкоски, тие разговарале со многу потенцијални коалициони партнери. Убедени се дека победуваат – Eвропска унија според Мицкоски останува на прво место за ВМРО-ДПМНЕ, но не по секоја цена и не по бугарски диктат.

„Разговараме со многу политички партии, нашата стратегија е јасна. Формиравме Комисија за преговори со политичките партии и таа беше поддржана и изгласана од Извршниот и од Централниот комитет. Планираме прво да разговараме со политичките партии од постојната Коалиција и тоа ќе се случи во првата половина на февруари“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Долгонајавуваната лидерска средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски веројатно нема да се случи, но  како што кажаа и двајцата, деталите околу учеството на ВМРО-ДПМНЕ во техничката Влада, може да бидат договорени и преку телефон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста