Избрани кандидатите за новата Антикорупциска комисија, меѓу нив и сопругата на адвокатот на Заев

Избрани кандидатите за новата Антикорупциска комисија, меѓу нив и сопругата на адвокатот на Заев

Собранието ја објави ранг листата и предлозите за нови членови на антикорупциската комисија. Ревизорката Татјана Димитроска со најмногу бодови е извесно дека ќе го предводи ова тело во следниот 5 годишен мандат. Таа досега вршела ревизии на политичките партии, Антикорупциска, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и на Државната изборна комисија.

Зад неа на листата за нови членови се ревизорите Цвета Ристовска и Зоран Богоевски, веќе вработените во ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев и Бесник Џемаиљи, судијката Софија Спасова-Медарска, како и Сервет Демири од ревизијата на претпристапната помош за ЕУ.

Името кое го привлече вниманието на јавноста е она на судијката Софија Медарска, сопруга на Филип Медараски, познат како адвокат на Зоран Заев. Медарски го бранеше поранешниот премиер и прв човек на СДСМ во случајот „Поткуп“. Ова предизвика бројни критики во јавноста, оти дел од идните членови на комисијата за борба со корупцијата имаат и политички конекции.

По три-дневното јавно интервјуирање во Собранието, рангирањето на комисијата за избори и именување сега оди на пленарна седница, каде треба да добие амин од пратениците.

Со ранг листата не се согласија сите членови на комисијата за избор. Реагираше Снежана Камиловска Трпковска, која доаѓа од невладиниот сектор. Таа побара нејзиното мислење да се издвои од другите членови на комисијата.

  • „Изненадува како останатите претставници на Комисијата за селекција изнајдоа компромис токму и само за овие кандидати и покрај слабите интервјуа, одбивањето на кандидатите да одговорат на директни прашања за општествени состојби како процесот на заробеност на државата, високо профилни случаи кои се веќе предмет на работа на сегашната ДКСК, а се дел и од констатирани состојби од Извештајот на Европската Комисија за 2023 год, прашања поврзани со политичка и правосудна поврзаност, тргување со влијание, лобирање и сл“. – Истакна Снежана Камиловска Трпковска – Член на собраниската комисија за избор

Инаку, за избор на член на ДКСК, меѓу другото, се бара најмалку осум години работно искуство во областа на откривање или спречување на корупција, владеење на правото или доброто управување, а кандидатите не смее да имаат било какви директни или индиректни конекции со политиката.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста