Господовата Куфија

Господовата Куфија

Принцезата Ранија, сопруга на Абдула II кралот на Јордан, на својот инстаграм профил објави фотографија со натпис: Оваа година Божиќ нема само во Витлеем. Оваа година светите места во Витлеем кој од 1995 година е отстапен на Палестина се затворени за пошироки манифестации. Клучевите од значајните верски објекти во Источен Ерусалим симболично ги држи Хашемитската династија на Јордан. Во Јудеја каде што Господ е роден поради воените дејства годинава нема Божиќ.

На профилната слика на Ранија може да се види дека во една црква поставена е Божиќна макета каде куклата со која е прикажан Младенецот е обвиткана со платнена куфија.
Куфија е прекривка од памук за на глава која на блискиот исток ја носат одредени етнички заедници како Палестинците (карирана црно-бела), Курдите и туркмените во Ирак, жители на Јемен, Оман и други.

Куфијата според повеќе извори нема религиско значење и таа е фолклорен симбол. По неа препознатлив беше Јасер Арафат кој се бореше за правата и слободата на Палестина. Некаде се среќава објаснување дека куфијата ја носат оние кои се спремни да поминат низ саможртва.
Можеби во име на децата од Палестина, Украина, Судан, Африка некој креативец ја завиткал во куфија куклата која го симболизира Младенецот на Божиќ. Можеби, за да се сетат сите дека Бог за свои ги смета невините жртви, спротивно на секаква империја која отвара војни за својот интерес.
Оваа година за Божиќ според британски политички институти активни се над 180 конфликти ширум светот. Со поразувачка статистика на цивилни жртви, деца, срушена инфраструктура и уништено културно наследство. Се разгледуват главните основи на генезата на оваа појава и, се прават напори да се дејствува врз причините. За да се спречи проширувањето на конфликтниот пожар, а потоа да се изгаснат актуелните конфликти. Детекција на причините на кои овие конфликти се директна последица е главна задача на редица светски редакции и институти.
Како најважна причина за оваа статистика на конфликти се посочуват територијалните претензии. Русија декларира дека Украинските земји и припаѓат нејзе, а во случајот со Палестина сепак и двете страни декларират претензии, потоа судирот околу Кашмир е територијална претензија на Кина, Индија, Пакистан. Наскоро вакви претензии може да бидат причини за судири во областа Сапхел во Африка, Латинска Америка околу Гвајана, Далечниот Исток поврзано со територијалните претензии околу Тајван. Причината за ова се разбира е слабото важење на меѓунардното право и недоволната улога на меѓународните институции за одржувње на светскиот мир.

Друга сериозна причина е рецесијата на демократијата на светско ниво. Не е многу тешко да се види дека судирите во моментов се одвиват под лоното на сомнителни демократии, авторитарни системи, хибридни режими. Во тој ред најчесто се повикани Кина, Иран, Авганистан, Сирија (чија територија не е под целосна контрола на власта), на запад пак тоа се Венецуела, Никарагва. Режимите истовремено предизвикаа сериозни граѓански судири во кои власта брани национални интереси. Жртви се бројат во Хаити, Јемен, Мјанмар. Затоа од посебен интерес е да се спроведат демократски и фер избори закажани годинава насекаде во светот.

Како серизони причини за конфликтите е постоењето на организиран криминал. Судирите во Латинска Америка, потоа во Централна Азија всушност ги движат средства кои се собират од нелегални трансакции главно од продажба на недозволена стока. Небезбедноста на жителите на Авганистан, Костарика, Етиопија, Украина се дело на организирани групи на криминал и терор.
Конечно постоење на приватни воени формации и паравоени структури се главен двигател на судирите во Африка особено во областа Сапхел, во Украина, во Јемен.
Се разбира овие фактори се измешани заедно со гладот, кризите што ги преживува светот на економски план, промената на климата која драстично влијаеше на одредени делови од светот. И за сите овие региони заедно светските организации и економски стабилните држави земаат обврска да обезбедуват помош.

Македонија како што може да се заклучи, самата може да се најде пред предизвик доколку не најде нова сила за решавање на одредени конкретни прашања. Нашите соседи преку разни свои агенси отворено покажуват територијални претензии. Без разлика дали тоа е наративот на омеѓување на етничка територија, наративот на национализам или сепаратизам. Понатаму според рангирањето на демократија нашето владеење се вбројува во хибридни режими. Ако на тоа се додаде дека разни мафијашки пресметки ни се случуват среде бел ден во барови, особено дека неодамна се разоткри скандал со издавање на пасоши на сомнителни карактери од целиот свет тогаш очигледно дека системот е склон кон криза. Ако додадеме дека кај нас одредени паравоени формации се претворени во политичка традиција со заслуги кои ги наплаќат од системот, тогаш јасно е зошто Македонија се опишува на ,,линија на огнот’’. Или поконкретно речено помошта и заштитата што ја обезбедува присуството на НАТО практично постојано се предизвикува од страна на лошото управување и владеење. Оттука нашата задача е да се дејствува во правец контра таквите причини.
За таа цел мора да се опстане на заедничката национална мисла и идеја. Создавање на политичка нација која ги интегрира сите ентитети. Потребно е да се дејствува за демократизација на земјата и најважно е одржувањето на домашните избори да биде демократски, легално и со легитимен резултат. Конечно е потребно да се отвори јасна и недвосмислена борба на корупцијата и криминалот.

За време на Првата Светска Војна во 1914 година околу Божиќ медиумите пренесуваат информација дека борбите на фронтот некако се стивнати. Настанува примирје кое не е договорено. На сите фронтови војниците успеват да постават украсени елки, украси на јарболите и да си овозможат да го преживеат Божиќ 1914 година. Макар и во воени ровови.
Објавено е негирање од страна на воените врвови. Штабовите на армиите издаваат нови и брзи наредби за напади. Но, на Божиќ таа година нема војна. Таа година капларот Адолф Хитлер е дел од офицерите кои се послушни на империјата. Неговиот став е дека такво примирје не може да склучат обичните војници. Но, сепак Божиќ таа година донесува кратко примирје. За жал со своите идеи остануват Хитлер и неговите империјални наредебодатели па следните празници бројат милиони жртви.

Оваа година не е возможен мир за Божиќ на фронтовите во Украина како што тоа беше порано. Украинската православна црква сега Божиќ го празнува на 25 декември ( заедно со западот Грција, Романија, Бугарија) додека православна Русија на 7 јануари заедно со дел од украинците, Србија, Македонија, Света Гора и Ерусалимската Патријаршија.
Во Газа живеат неколку илјади христијани. Неговата Божествена Блаженост Ерусалимскиот Патријарх Кир Теофил III царските часови ќе ги помине повторно со нашиот термин за Божиќни чинови. И во Етиопија Божиќ се слави на 7 Јануари.
На инстаграм неодамна вирално беше и видео кое сведочи како оние кои се дел од жртвата разбират дека жртвата е чин на големо и над умно трпение. Пред камера на телефон муслиман го прашува христијанскиот свештеник:
-Кој ќе го пее Езанот ако ги уништат сите кои го пеат во Палестина?
-Јас ќе го пеам – му одговара христијанскиот свештеник.
Нашето поистоветување со жртвата на Господ Бог за Божиќ значи разбирање на повикот на одговорност упатен до секој од нас, за сопствен несебичен придонес кон доброто и мирот во татковина и во светот. Токму како во пораката за Божиќ од ангелите:
Слава на Бога во висините, а на земјата Мир меѓу луѓето и добра воља !


Пишува Петар Трајков
Пејсаж Билјана Серафимовска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста