Данела Арсовска – Ветуваше многу, не направи речиси ништо

Данела Арсовска – Ветуваше многу, не направи речиси ништо

„Има луѓе професионалци, што знаат како се управува со градот“ – ова беше главната порака на Арсовска, пред да реши да се конфронтира со оние кои ја кандидираа, како и оние кои ја избраа.

По две години од мандатот на првата жена градоначалник на Скопје, Данела може да се пофали само со бројката на луѓе и организации со кои влегла во конфликт.

Но, очигледно, не и се погоди ниту еден од „професиоалните луѓе кои знаат како“. Арсовска за две години, смени десетици директори на градски претпријатија. Отпушти десетици вработени. Предизвика сообраќајни катастрофи од национални размери, како и стотици тони несобран комунален отпад, кој за да не предизвика опасност по јавното здравје на скопјани, го чистеа општините.

Граѓаните велат, не верувале дека градоначалник може толку да потфрли и да ги разочара.

Во нејзината програма, прва точка беше отвореноста и транспарентното работење. По изборот, кабинетот на Арсовска нема никаква соработка со медиумите, а Град Скопје е најмалку отворен кон јавноста во неговата понова историја.

Арсовска ретко кога свикува прес конференции. Досега, никогаш не оддржала брифинг со новинарите, а ниту писмено не одговара на новинарските прашања.

Ги издвоивме дел од поголемите проекти на Арсовска во нејзината изборна програма „За модерно Скопје“, како на пример, пет нови мега паркови како градски парк, во општините Аеродром, Ѓорче Петров, Чаир, Гази Баба и Кисела Вода.

Зад мене е локацијата каде требаше да биде еден од петте нови големи паркови. Тука освен смет и дива вегетација, нема изгледи дека во скоро време ќе има парк.

Досега изведен е само паркот во Општина Ѓорче Петров, но по својата површина не е ниту приближно голем како Градски парк.

Од ветувањето „бесплатен јавен превоз“, кој во Европа го има само во богатиот Луксембург, Скопје доби електрични тротинети и со месеци блокирани клучни крстосници од приватните превозници, на кои одбиваше да им плати за нивната работа, а со тоа, компаниите ги доведе пред банкрот. Додека пак сликата од јавниот превоз е автобуси кои доцнат или воопшто не се појавуваат, а оние кои ги има, се толку преполни, што не може ниту да се влезе.

Од ветените 5 нови булевари во главниот град, скопјани не видоа ниту еден. Ниту пак нов сообраќаен коридор кај Мавровка.

Еден од 5те нови булевари, требаше да биде и продолжувањето на булеварот Борис Трајковски до Драчево. Од новиот пат, има само кал. А тој полека но сигурно, се повеќе започнува да наликува на регионалниот, Кичево-Охрид.

„Ќе го отвориме нов луна парк во првата половина од мандатот“ – Ова беше редовна реторика на Арсовска, ветувајќи ролеркостери, вртелешки, тобогани, 7Д кино, картинг и други занимливости, кои скопјани и по две години, исто така, не ги видоа.

Додека на Арсовска, полека но сигурно и изминува времето да се симне од пиедесталот на „најнеуспешен градоначалник досега“ – Едно останува како нејзино главно обележје. Тоа што нејзината работа направи за прв пат во Македонија да се размислува за закон со кој ќе може избран градоначалник да биде отповикан од функцијата.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста