„Господ на помош на Македонија“: Зијадин Села последниот тројански коњ на Али Ахмети
Зијадин Села е последниот тројански коњ на ДУИ, со цел да се сруши опозицискиот дух кај албанските гласачи во Македонија. Последните потези во Алијанса се доказ дека Али Ахмети се плаши по две децении да замине во опозиција, па со сите сили се обидува да ја растури Алијанса чиј лидер реши да се приклучи на опозицискиот блок. . Новинарот Џенур Исени за Алфа вели дека ова не е прв пат ДУИ да користи вакво сценарио, така било и многу пати во минатото.
-ДУИ секогаш имаше некој човек тројански коњ кој што ќе ги разделеше или ќе ги распарчеше опозициските партии и тоа им овозможуваше уште повеќе владеење на ДУИ. И сега последниот што им остана во овој план им е Зијадин Села по се изгледа, за да го уништи опозицискиот блок кој што владее во моментов, изјави Исени.
Политичкиот аналитичар Агим Јонуз за Алфа вели дека СДСМ дозволиле ДУИ да стане главна политичка сила во Македонија.
-ДУИ како таков не е газда на политичката сцена, ДУИ е газда на Македонија. Кој тоа не го видел, кој не го разбрал до сега, тој е кусоглед во поглед на политичката опсервација. Сега како ќе се одвиваат нештата, Господ на помош на Македонија, изјави Јонуз.
Последните политички случувања според него се доказ дека во Македонија нема политичка идеологија, туку се е во рацете на политчката мафија.
-Дејуре политиката е олицетворена во демократијата, а дефакто е олицетворена во политичка мафија. Значи се што е поделено е поделено по принципот на едните се Корлеоне, другите се Гамбини, третите се Татаља, четвртите Џеновезе и се е тоа за парите на крај. Зошто? Затоа што Македонија е едно огромно претпријатие во кое се поделени бизнисите, а не политиката како таква, идеолошката матрица на политиката во Македонија не постои, изјави Јонуз.
Исени смета дека е недозволиво и она што се случува со министрите Меџити и Алиу. Вели техничкиот премиер не би смеел да менува функционери, на предлог на Села, бидејќи легитимен лидер на Алијанса е Таравари.
-Ова е невидено нешто, да можат да предложат, една партија да разрешат легитимни министри предложени, ова се случува само во Македонија. Како може да предложат министри без согласност или без потпис од легитимниот претседател на партијата. Но, во Македонија се е можно, особено во оваа техничка Влада, во која на никого не му е јасно кој што прави, изјави Исени.
Инаку, на предлог на Зијадин Села, техничкиот премиер Талат Џафери побара Собранието да ги разреши Фатмир Меџити и Азир Алиу кои застаа позади Таравари.
Матеја Петровски