Давос

Давос

,,Развивајте ја приватната иницијатива. Ослободете се од државната интервенција.
Да живее слободата ! Проклетство “ (цитат)
Во својот препознатлив стил, Хавиер Милеи Претседател на Аргентина оваа година се обрати пред Форумот во Давос. Видеото со неговиот говор го запали интернетот. Манирите и говорот го прават популарен особено помеѓу помладите. Во декември, на изборите во Аргентина победи со моторна пила во раката.
Меѓу првите позитивно на говорот реагираше новиот сопственик на социјалната мрежа Твитер (сега X) Илон Маск. „Вака треба да дискутират лидери на држави кои се во прогрес“, забележува Маск.
На Годишната средба на Економскиот форум во Давос, Швајцарија разни важни пораки испратија многу звучни светски имиња како Антонио Гутереш, Урсула Фон Лајен, Премиерот на Кина, впрочем, како што е редот за овој настан, присутна беше речиси целата светска елита. Тука се одржа четврта средба на која се разговараше за украинската формула за престанок на конфликтот.
Годишната конференција имаше во предвид повеќе теми но главната беше враќањето на довербата и етиката како модус на дејствување низ сите процеси на светско ниво.
Но, сепак говорот на Милеи го презеде вниманието на светската јавност.
Милеи зборуваше за тоа дека светската елита, посебно западната, го напуштила либерализмот кој значел процветување на светското стопанство и се зафатила со градење на разни колективи и создавање на нов модел на светски колективизам. Тој ги нападна западните марксисти за дејствување во погрешен правец откако ја напуштиле платформата за унапредување на правата на работниците. Ги критикуваше неолибералите, неомарксистите и редица на нови политички вредности со многу сложен наратив и широк опфат на историјата на економијата во светот. Податоци, кои ретко може да се слушнат официјално со кои тој ја поткрепи својата теза дека светот пред и после капитализмот живее бедно. Имено, неговата порака беше дека е потребно државната интервенција да ја снема и да се појави комплетно либерален економски систем.
Некои тврдат дека основачот на Светскиот Економски Форум во Давос Клаус Шваб напуштил за време на излагањето. Други со иронични коментари забележуват дека говорот на Милеи е премногу за деновите кога се одбележува 100 години од смртта на Ленин алудирајќи при тоа на бистата на Ленин која стои во кабинетот на Клаус Шваб. А трети, демантират дека тоа се случило.
Светскиот Економски Форум во Давос во кој членува елитата и каде членарината е доста висока постои од 24 јануари 1971 година. Интересно е тоа што во почетокот дејствува како собир на менаџери од целиот свет со фактот дека и СССР соработката ја остварува од 1986 година. Можеби објаснува како комунистичката технократија успеала да се претстави пред светот како дел од уште тогаш најавената технотроничка цивилизација (Бжежински), а денеска пак е веќе сериозно спремна за актуелната, четврта индустриска револуција која главно работи на трансхуманизмот.
Форумот во Давос досега во многу што покажа дека успева да биде сериозен мост преку организирање на соработка на владите, невладиниот сектор и бизнисот со цел да се изнајде заедничко решение и пат за движењето во стопанството, политиката и екологијата.
Покрај настапот на Милеи на годишното собрание интерес предизвика зборувањето на темата за непознат вирус кој Светската здравствена организација го претпоставува како хипотетички вирус Х. Но затоа пак ја подготвува светската јавност да биде свесна за тоа што би требало да се преземе доколку се појави нов сериозен вирус. За Х вирусот СЗО предвидува неколку десетици пати посериозни последици по светот во однос на претходната пандемија. Никој не знае каде и како може да се појави таа болест но, ние како современа и искусна цивилизација мора да бидеме спремни. Претпоставките се дека заклучувањето и кризата во таков случај би биле многу полоши од претходната и затоа мора да се работи на зголемување на довербата.
Мошне интересна тема која беше отворена на оваа Годишна конференција во поглед на довербата е слободата не медиумите, појавата на лажните информации и видеа кои тешко може да се препознаат во својата намерна монтажа и предизвикуват не само скандали туку злонамерно може да бидат насочени кон берзите, животот и здравјето на луѓето.
Во врска со Форумот, поважните светски медиуми го претставија и проблемот дека најголемите медиуми многу сложено вршат уредување на информациите затоа што се појавуват многу различни точни и неточни извори на информации на теренот. Секој човек може да пласира микро приказна и свое видување преку новата технологија. Уредничките одбори одговарат пред државните органи, но во меѓувреме секој човек од било каде може да пласира информација и свои лични видеа кои може да се и лажни. Сето тоа доведува до намалување на довербата не само во медиумите, туку и во меѓучовечките односи.
Доколку се погледне рационално на функционалната страна и важноста на Економскиот Форум во Давос тогаш човештвото може да се чуствува сигурно и во најавената како бурна 2024 година. Таму се зборуваше за мирот и демократијата, за одбрана на приватната иницијатива и развој на пазарот, за унапредување на технологиите, за преземање навремени мерки за медиумското реално информирање и за преземање на превентивни мерки за евентуална пандемија која човештвото треба да ја пречека секако подготвено.
Но, ако се земе во предвид ирационалноста на светскиот тек на случувања со многу страдање, криза и нагли промени во разни сфери на животот, тогаш прашањата кои се поставуват од подножјето на највисокиот град во Швајцарија и Европа – Давос се многу по едноставни и приземни и во тој контекст многу разбирливи. Прашања и коментари кои исто така го запалија интернетот по годишната конференција.
Најпрвин за квалитетот на силата која би можела да ги собере сите луѓе од елитата. Тука се обезбедува членство за оние кои може да поднесат висока членарина и за најдобрите. Ако веќе постои таква сила исправени ли сме пред нов светски колективизам во смисла на одредени изнесени ставови. Можеби следува нова и далеку посериозна пандемија. Можеби оние кои ја собират елитата располагат со посебни информации. Конечно, во која смисла треба да се движи уредувачката политика во процесот на светското информирање. Ограничување на технологијата односно достапот до непосредни извори на информации ли е правиот извор на проблемите или всушност на тој начин ќе се замолчува вистината од теренот.
Односно, дали слушавме најави за нов бран на засилена светска контрола над животот на обичниот човек-поединецот?
Дали враќањето на довербата е скриено барање на нова послушност на оние кои се наоѓат долу во подножјето на Давос?
Во секој случај, моторната пила на Милеи останува актуелна и можеби новите генерации во таквиот манир препознават нова содржина на неговиот повик.
-Да живее проклетата слобода !

Петар Трајков

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста