Дали „Чебрен“ ќе биде нов „бомбона“ бизнис на СДСМ? – ВМРО – ДПМНЕ бара одговори
Кога грчки Архиродон ќе го добие македонскиот бакшиш – ХЕЦ Тиквеш? Три месеци откако ќе почне да го гради ХЕЦ Чебрен или три месеци откако ќе го заврши? Многу сериозно прашање за кое нема конкретен одговор.
Нејаснотиите произлегуваат од различните одлуки – првата за почнување на постапка за доделување концесија од јануари 2020-та, од Владата на Зоран Заев и втората за изменување на првата од февруари истата година, од техничката Влада на Оливер Спасовски. Условите се сосема различни, а сегашниот тендер е распишан врз основа на првата.
Алфа се обрати и во Владата и во Министерството за животна средина, но оттаму одговор нема.
Од друга страна делумно објаснување дава само партијата СДСМ – тие тврдат дека Тиквеш ќе биде предаден на Грците по изградбата на Чебрен.
„Приватниот инвеститор ќе добие дозвола за вода за производство на електрична енергија, и само за тоа. Не може да прави што сака со водата, затоа што во законот за води јасно е наведено што е приоритет“ изјави Ненад Коциќ, СДСМ.
Сепак, нејасонтиите остануваат зашто грчката компанија поднела жалба до надлежните институции – тие тврдат дека одлуките биле изменети и бараат Тиквеш да стане нивни веднаш а не по изградбата на Чебрен.
Сомнежите дополнително ги подгрева молкот и на Владата и на Министерството за екологија – тие не одговораат на прашањата на Алфа и на барањето за дообјаснување.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска алармира дека власта на неколку месеци пред избори прави милионски скандал и се надева дека никој нема ни да го разбере ни да го примети.
„Повторно само Македонија губи од незаконското постапување на власта зад што се крие нов скандал на криминал и корупција… Новиот скандал за изградба на Чебрен, со кој се загрозува и енергетскиот суверенитет на Македонија се пресметува во стотици милиони евра“ изјави Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ.
Нејаснотиите околу судбината на ХЕЦ Тиквеш се само дел од скандалот со ХЕЦ Чебрен. Од самиот енергетските експерти предупредуваат дека условите под кои се дава Црна Река на Грците само ќе ја доведат Македонија во подредена положба – да се откаже од своите водни богатсва во период од 60 години, а произведената струја да ја купува по пазарни, берзански цени.
Кристина Алексиеска